Речиси 500 милиони луѓе се заразени со коронавирус од март 2020 година, а новите варијанти сè уште се закана
Пандемијата нема да биде завршена никаде додека не заврши секаде “, вели директорот на СЗО
Генералниот секретар на ОН повтори дека дистрибуцијата на вакцини останува „скандалозно нееднаква“

„Пандемијата на ковид-19 ’далеку од завршена’“. Под ваков наслов, Обединетите нации се осврнуваат на двегодишнината од прогласувањето на пандемијата, што ги поттикна државите да преземат акција против смртоносната болест што се прошири низ целата планета.
Речиси 500 милиони луѓе се заразени со коронавирус од март 2020 година, а новите варијанти сè уште се закана. Овој петок се навршуваат две години откако Светската здравствена организација го карактеризира глобалното ширење на ковид-19 како пандемија.
СЗО тврди дека шест недели претходно била прогласена вистинска тревога, но малкумина тогаш реагирале.
На 30 јануари, СЗО прогласи меѓународна вонредна состојба за јавното здравје, највисоко ниво на тревога според глобалните здравствени правила. Во тоа време, имаше само сто случаи надвор од Кина и немаше смртни случаи.
Но, дури кога генералниот директор на СЗО, Тедрос Адан Гебрејесус на прес-конференција на 11 март 2020 година прогласи пандемија, голем број држави станаа свесни и ја сфатија опасноста.
„Предупредувањето во јануари беше многу поважно од најавата во март. Дали би сакале предупредување дека сте се удавиле или дека доаѓа поплава“,
изјави денеска директорот на СЗО за вонредни ситуации Мајкл Рајан.
Тој додаде дека луѓето се оглушиле на предупредувањето на СЗО.
„Не послушаа, вклучивме аларм и никој ништо не направи. Бев згрозен од отсуството на одговор на највисокото предупредување на СЗО според меѓународното право на кое се согласија сите наши членови. Сите до еден“,
посочи Рајан.
Прогласувањето пандемија беше едноставно известување за она што веќе се случило, а земјите беа добро информирани однапред што ќе се случи.
„Многу луѓе во медиумите и денес тврдат дека СЗО доцни. Не! Светот беше добро предупреден. До март се акумулираше фрустрација, па рековме: Во ред, сакате пандемија, еве пандемија“,
истакна Рајан.
До 11 март 2020 година бројот на случаи надвор од Кина се зголеми за 13 пати. Имаше 118 000 заразени во 114 земји. Во Италија, на пример, луѓето веќе умираа.
Над 453,8 милиони луѓе се инфицираа со ковид-19, околу шест милиони починаа досега, а оздравеа околу 380 000.
„Иако пријавените случаи и смртни случаи се намалуваат на глобално ниво, а неколку земји ги укинаа ограничувањата, пандемијата е далеку од завршена – и нема да биде завршена никаде додека не заврши секаде “, рече во средата директорот на СЗО , Тедрос Аданом Гебрејесус.
Зборувајќи со новинарите во Женева, Тедрос го потсети светот дека многу земји во Азија и Пацификот моментално се соочуваат со пораст на случаи и смртни случаи.
„Вирусот продолжува да се развива и ние продолжуваме да се соочуваме со големи пречки во дистрибуцијата на вакцини, тестови и третмани секаде каде што се потребни“,
рече тој.
Генералниот секретар на ОН во средата издаде изјава во која ја поддржува оценката на шефот на СЗО дека би било „тешка грешка“ да се мисли дека вирусот сега е во ретровизор.
Во изјавата објавена во средата, Антонио Гутереш повтори дека дистрибуцијата на вакцини останува „скандалозно нееднаква“.
„Производителите произведуваат 1,5 милијарди дози месечно, но речиси три милијарди луѓе сè уште чекаат прва доза“,
истакна тој.
Шефот на ОН ги обвини за овој „неуспех“ политичките и буџетските одлуки кои даваат приоритет на здравјето на луѓето во богатите земји, пред здравјето на луѓето во сиромашните земји.
„Ова е морално обвинение за нашиот свет. Тоа е и рецепт за повеќе варијанти, повеќе заклучувања и повеќе тага и жртви во секоја земја. Нашиот свет не може да си дозволи двостепено закрепнување од ковид-19 “,
рече тој.
Гутереш додаде дека, и покрај бројните други глобални кризи, светот мора да ја постигне целта да се вакцинираат 70 отсто од луѓето во сите земји до средината на оваа година.
„Науката и солидарноста се покажаа како непобедлива комбинација. Мораме повторно да се посветиме на ставање крај на оваа пандемија за сите луѓе и сите земји и затворање на ова тажно поглавје во историјата на човештвото, еднаш засекогаш“,
нагласи тој.