Утре Собранието треба да почне нова седница, а парламентарното мнозинство се надева дека ќе има кворум за одлучување
Парламентот утре треба да почне нова седница, а парламентарното мнозинство очекува дека нема да има проблем за обезбедување на кворум, затоа што, според најавите оттаму, денеска треба да излезат од изолација двајцата пратеници кои во неделата беа во Собранието во скафандери за да има мнозинство за гласање на законите од 32. седница.
Доколку утре во Собранието има 61 од вкупно 62 пратеници од мнозинството, според најавите, не е исклучено спикерот Талат Џагфери да закаже, во меѓувреме, продолжение и на некои од старите седници, за да може да се донесат закони за кои е завршена расправата.
Во меѓувреме, опозицијата поднесе кривични пријави за непостапување според здравствените прописи против Џафери и пратениците Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ и Мирослав Богдановски од ДОМ, поради седницата во неделата, кога двајцата пратеници гласаа изолирани во кабините крај пленарната сала.
Според СДСМ, кривичните пријави што ги поднесоа Левица и ВМРО-ДПМНЕ се израз на „голема фрустрација“, откако им пропаднале обидите да го држат Собранието закочено и „во заложништво на својата деструктивност“.
„Денешните неосновани кривични пријави поднесени од ВМРО-ДПМНЕ и од Левица се доказ дека овие партии не можат да се помират со фактот што Собранието конечно ги изгласа законите со кои помошта, по цели два месеци блокади и опструкции, деновиве конечно пристигнува кај работниците. ВМРО-ДПМНЕ и нивните соработници од Левица не можат да се помират ниту со тоа што се донесени важни закони на 32. седница, за кои тие не гласаат, а се однесуваат на националната стратегија за спречување корупција, за набавка на вакцини, за заштита на животната средина“,
велат од СДСМ.
Според владејачката партија, присуството и гласањето на пратениците кои биле позитивни на ковид-19, ама без симптоми и со целосна заштитна опрема, било според посебен протокол за спроведување за гласање на пратеници кои се наоѓаат во домашна самоизолација, како што тврди и спикерот Џафери.
Пратениците денеска успејаа да донесат два закони, меѓу кои и законот за даноци на имот, во прво читање, на продолжението на 34 седница. Иако во салата немаше 61 пратеник од мнозинството, пратеници од власта велат дека кворумот бил обезбеден случајно, така што опозицијата практично била фатена на препад додека се уште била присутнаво салата, така што имало кворум за гласање. Додека пратениците од мнозинството гласале за првите два закони, опозициските пратеници, сепак, ја напуштиле салата. Поради тоа, не се очекува во текот на денешниот ден да бидат донесени други закони.
Инаку, на дневен ред на утрешната седница, меѓу другото е и предлог-одлуката за продолжување на кризната состојба на јужната и на северната граница, која денеска помина едногласно во Комисијата за одбрана и безбедност.
На дневениот ред на новата седница е и интерпелцијата за министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, што ја поднесоа Алијанса за Албанците и Алтернатива, а од ВМРО-ДПМНЕ најавуваат дека ќе инсистираат агендата да се дополни и со интерпелациите што тие ги поднесоа за министерот за правда Бојан Маричиќ и за вицепремиерот Љупчо Николовски.