Според Африком, двајцата војници биле пријавени како исчезнати вчера во близина на зоната за обука Кап Драа, која се наоѓа во близина на градот Тан Тан во Мароко
Двајца припадници на американската војска исчезнале за време на воена вежба во Мароко, соопшти Африканската команда на војската на Соединетите Американски Држави (Африком) , пренесоа светските медиуми.

Исчезнатите војници на САД биле дел од „Африкански лав 2026“, годишна заедничка вежба на повеќе земји партнери на САД, чија цел е зајакнување на оперативната соработка меѓу американските сили, сојузниците од НАТО и неколку африкански земји, соопштија официјални преставници, пренесе Би-би-си.
Според Африком, двајцата војници биле пријавени како исчезнати вчера, во близина на зоната за обука Кап Драа, која се наоѓа во близина на градот Тан Тан во Мароко.
Како што јавуваат медиумите, во тек е мисија за пребарување и спасување, во која се вклучени копнените, воздужните и поморските ресурси на САД, Мароко и други земји.
„Инцидентот сè уште се истражува и потрагата (по војниците) е во тек. Нашиот фокус е на инволвираните припадници на војската и нивните семејства“,
се вели во соопштението на Африком, објавено денеска.
Two U.S. service members participating in African Lion 2026 were reported missing near the Cap Draa Training Area, near the city of Tan Tan, Morocco, May 2, 2026.https://t.co/7zxpKQRHfB
— U.S. Africa Command (AFRICOM) (@USAfricaCommand) May 3, 2026
Инаку, „Африкански лав“ е најголемата годишна заедничка воена вежба на африканскиот континент, што се одржува во четири земји – Мароко, Гана, Сенегал и Тунис.
Операциите во рамките се вежбата се фокусирани на сите воени области, од одговор на кризи и мултинационална координација за подобрување на регионалната безбедност, до подготовка за вонредни состојби.
Според Би-би-си, вежбата, во која учествуваат 5 000 лица од над 40 земји и повеќе од 30 индустриски партнери со седишта во САД, почна на 27 април и треба да трае до 8 мај.
