Претседателката на Државната комисија за спречување со корупцијата Билјана Ивановска ја продолжува вербалната конфронтација со вицепремиерите Бојан Маричиќ и Славица Грковска. Со вицепремиерот Маричиќ се во отворен судир по случувањата на една од сесиите на од скрининг процесот кој се одвива во Брисел а со вицепремиерката Грковска имаат недоразбирања околу почитувањето на етичките норми од страна на владините функционери
Шефицата на македонските антикорупционери Билјана Ивановска во денешното интервју за ТВ 24 вели дека пред да го презентира Извештајот за состојбите во образованието и спортот на состанокот во Европската комисија во Брисел, вицепремиерот Маричиќ ја прашал дали може од нејзината презентација да биде изземен делот посветен на Агенцијата за млади и спорт.
„Во мојата презентација имаше еден слајд во кој известував дека по нашето постапување сме поднеле иницијатива до Владата и дека по протекот на 60 дена сме известени дека Владата не постапила по таа иницијатива бидејќи почитувале пресумпција на невиност и ќе чекале правосудните органи да одлучат дали Наумче Мојсоски е крив или не за да постапат. Пред да започне реферирањето пред членовите од Европската комисија, вицепремиерот ме праша – дали ова мора да стои, може ли ова да не стои? Јас реков дека не може да не стои бидејќи јас таму не внесувам емоции. Тоа е фактичка состојба. Ние за сето тоа си имаме документи. Тој ми рече, ако не го тргнете тој слајд, јас ќе му дадам збор на директорот Мојсоски. Во ред, реков, дајте му збор. И тоа се случи“,
вели Ивановска.
Таа потврдува дека во целост, без изземање на случајот со Агенцијата за млади и спорт реферирала за состојбите и ја направила комплетната презентација, но останува на ставот дека добила такво прашање од Маричиќ.
„Јас во презентацијата укажав и дека нашите наводи се поткрепени од Државниот завод за ревизија. По мене зборуваше директорот Мојсоски кој рече дека тие наводи не се точни и дека се е според правилата. Тоа е неговиот одговор. Мојата реплика беше дека нашата должност и улога како независни тела, на ДКСК и на ДЗР е да укажеме на слабости на функционирање на контролниот систем а одговорноста е на раководното лице. Таму каде што гледаме дека не функционира, дека не се почитуваат законски одредби, дека не се применуваат процедури и дека нема правилници и подзаконски акти, тоа е слабост на раководното лице. Тоа за нас е ризик дека тоа лице неодговорно ја спроведува својата функција а за владата сигнал дали ќе му даде доверба на тој човек. Според мене, не треба да му положи доверба. Најмалку што може да направи е да го разреши а за тоа дали има или не кривична одговорност, одлучува судот. Вака, владата множи со нула две институции. И нас и ДЗР. Ризиците за кои ние укажуваме за Владата не се релевантни, за некого да разреши. А, сака да станеме ЕУ. Таму сме сведоци дека за една симит погача купена со службена картичка се дава оставка“,
истакна денеска Ивановска.
Пред неколку дена, вицепремиерот Маричиќ реагираше на ваквите и слични ставови на Ивановска барајќи да не се дозволи процесот на скрининг да биде оцрнет со шпекулации. Тој негира дека такво нешто се случило укажувајќи дека презентацијата на ДКСК, како Главен преговарач, ја доставил пред одржувањето на билатералниот скрининг состанок на седница на Влада и таа била усвоена без никакви интервенции, без оглед на содржината.
„Никогаш не сум вршел притисок на никого, и досега и како министер за правда и како заменик претседател на Владата за европски прашања, сум давал безрезервна поддршка на ДКСК и заложба за зајакнување на нејзините капацитети, а со цел поголема ефикасност во она што го работи. Должен сум да ја заштитам јавноста од шпекулации на која било институција, па дури и Државната комисија за спречување корупција.Сето горенаведено, може да биде потврдено не само од присутните претставници на државните институции на билатералните скрининзи, туку и од самата Европска комисија“,
пишуваше во реакција на заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, на тврдењата на претседателката на Државната комисија за спречување на корупција.
За што и се лути Ивановска на Грковска?
Конкретна причина за последниот вербален судир беше случајот со струшкиот градоначалник Рамиз Мерко. Ивановска од ДКСК коментирајќи го однесувањето на институции кон овој случај, рече дека тие поднесле низа иницијативи, но никој, па вклучувајќи ја и владата не презеле ништо за разрешување или одговорност. Вицепремиерката Грковска, задолжена за политики за добро владеење, и одговори дека таа постојано се обидува да го оправда своето (не)постапување префрлувајќи ја одговорноста врз други, нагласувајќи дека Ивановска треба да ја има предвид поделбата на власта на локално и на централно ниво, а врз основа на тоа и неможноста на владата да има надлежност врз функционер кој е избран на непосредни избори.
Денеска Ивановска повторно и забележа на Грковска укажувајќи дека сите инцијативи што ДКСК ги доставиле до нејзиниот кабинет содржат членови од Етичкиот кодекс кои што се прекршени.
„Ако таа смета дека ние не сме направиле ништо, еве јас ја повикувам нека каже за кои предмети кабинетот не бил надлежен или не ни биле во ред. Ако имаме заедничка цел а тоа е борба против корупција, нема да се препукуваме со вакви зборови од едната и од другата страна, напротив, сите сигнали што доаѓаат од независни институции како што е нашата и ДЗР, ќе бидат посериозно сфатени. И мислам, пак ќе речам, жал ми што толку време помина а и оваа и претходната влада не не сфатија како партнер кој што може да им помогне. Ние колку се не анализи направивме, дадени се повеќе од сто препораки заклучно со крајот на 2022 год. Процентот на реализација и е позната на јавноста. Значи, толку е нашето“,
изјави Ивановска во интервјуто за ТВ 24.