Две лица на возраст од 7 и 17 години се повредени во две одделни сообраќајни несреќи што се случиле вчера попладне на регионалниот пат Берово – Виница.
Во првата незгода, на место викано Дивидија во атарот на беровското село Митрашинци, мотоцикл „јамаха“, со беровски регистарски ознаки, управуван од 17-годишник, изгубил контрола и излетал од коловозот. Во незгодата, возачот се здобил со тешки телесни повреди што му биле констатирани во Клиничката болница Штип. Увид на местото на незгодата извршила увидна екипа на Одделението за внатрешни работи – Берово.
Во втората несреќа настрадал седумгодишен сопатник, откако возачот на возилото со кое се превезувал малолетникот изгубил контрола над воланот.
„На место викано Кошето, атар на беровското село Будинарци, В.Б.Л.(31) од беровското село Митрашинци, управувајќи патничко возило „сеат алтеа“, со беровски регистарски ознаки, изгубил контрола и удрил во карпа. Во незгодата, со тешки телесни повреди се здобил седумгодишен сопатник, а со телесни повреди се здобила В.Б.Л., констатирани во Клинички центар „Систина“ – Скопје, каде што биле пренесени за укажување на лекарска помош. Увид на местото извршила увидна екипа на Одделението за внатрешни работи Берово“,
се наведува во полицискиот билтен.