Најголем дел од новопријавените заболени – 978 се во Скопје, а потоа е Кавадарци со 327. Во Струмица за една недела имало 320 заболени, во Куманово се 168, во Охрид имало 156, а во Битола се 143

За една недела, односно од 27 јануари до 2 февруари во земјава се пријавени 3 036 случаи на заболени од грип или заболувања слични на грипот, што е 83,7 отсто повеќе во споредба со претходната година, се наведува во најновиот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ).
Најголем дел од новопријавените заболени – 978 се во Скопје, а потоа е Кавадарци со 327. Во Струмица за една недела имало 320 заболени, во Куманово се 168, во Охрид имало 156, а во Битола се 143. Во останатите градови бројот на заболени е помал или еднаков на сто.
Во однос на возраста на заболените, во извештајот се наведува дека најголем број – 1 650 од оние со грип или слични заболувања се на возраст од 15 до 64 години. Деца на возраст од пет до 14 години се 720, додека 412 од новозаболените се деца на возраст до четири години. Оваа недела 254 заболени се на возраст постари од 65 години.
Во текот на оваа недела, пријавени се два смртни случаи асоцирани со грип. Се работи за лица на возраст од 59 до 77 години од Скопје и Свети Николе. Лицата биле хоспитализирани во Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби (КИБФС) во Скопје и во Клиничката болница во Штип.
„Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип“,
велат од ИЈЗ во извештајот.
Според податоците на ИЈЗ, во сезоната 2024/2025, вкупниот број случаи на грип – заболувања слични на грипот изнесува 8 734.
За заштита од грип, од ИЈЗ препорачуваат да се избегнува собирање и престој во простории каде што престојуваат повеќе луѓе, особено да се избегнува близок контакт со луѓе кои се болни или сомнителни – кашлаат, киваат, имаат покачена телесна температура.
Исто така, се препорачува често да се мијат рацете со вода и сапун или дезинфекциско средство, да се загреваат просториите за престој и често да се проветруваат.
Од ИЈЗ потсетуваат дека вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Се препорачува вакцинација на целото население, особено на лица кои припаѓаат на таканаречените ризични групи, согласно препораките на СЗО.
Заклучно со 2 февруари во земјата вакцинирани се вкупно 72 373 лица со бесплатна или комерцијална вакцина против грип.