Според анкетите, ЦДУ и ЦСУ се полоши од кога било досега – само 20 проценти од Германците би гласале за нив. После 16 години владеење на канцеларката Ангела Меркел, конзервативците би можеле да завршат во опозиција
Канцеларката Ангела Меркел го одржа веројатно последниот говор во парламентот и го препорача Армин Лашет од нејзината партија за нејзин наследник, иден канцелар.
„Таа не рече ‘збогум’, но сепак ова беше збогум. Затоа што, ако не се случи ништо непредвидено, Ангела Меркел последен пат зборуваше во парламентот како канцеларка. Таа го стори тоа како шеф на влада – и како политичар на ЦДУ среде изборна кампања“,
пишува Дојче веле.
Федералните избори на 26 септември, како што рече таа во говорот, се „одлучувачки за нашата земја во овие најтешки времиња“. И не е сеедно кој владее со оваа земја. Граѓаните можат да изберат: Влада составена од СПД и Зелените, партии кои би се согласиле да владеат во коалиција со Левица, или барем не ја исклучуваат таквата можност, порача Меркел.

Алузијата на Меркел за црвено-црвено-зелената коалиција, која е математички можна според тековните анкети, наиде на критики кај членовите на Левицата.
„Јас само ја кажувам вистината!“,
одговори Меркел и го пофали нејзиниот можен наследник, Армин Лашет, кој се залага за федералната влада, која како што рече таа, „ја води нашата земја во иднина“.
„Срам да ви е!“,
се слушаа гласни извици од редовите на Левица додека Меркел говореше.
„Боже, каква драма!“,
им возврати таа.
Таа е членка на Бундестагот повеќе од 30 години и знае дека за вакви прашања треба да се разговара тука.
„Ова е срцето на демократијата и тука се дискутира!“,
рече Меркел, а нејзиниот настап, медиумите го оценија како ретко емотивен.
А според медиумите, има и причини за тоа: според анкетите, ЦДУ и ЦСУ се полоши од кога било досега – само 20 проценти од Германците би гласале за нив. После 16 години владеење на канцеларката Ангела Меркел, конзервативците би можеле да завршат во опозиција.
Благодарност до „г -ѓа Меркел“
Олаф Шолц, кандидатот за канцелар на Социјалдемократите, првично зборуваше за пандемијата, истакнувајќи дека владата, пратениците во парламентот и граѓаните биле соочени со најголемиот предизвик од обединувањето на земјата.
„Заедно се однесувавме како едно, но сакам да нагласам – заедно се држевме и како Влада. И затоа на крајот законодавниот дом сака да ви каже: „Ви благодариме многу за соработката, г -ѓо Меркел!”,
рече Шолц.
И колку што оваа дебата во првите неколку минути се карактеризираше со остра реторика – Меркел и Шолц на крајот беа согласни на тема за корнавирусот – со оглед на зголемениот број на заразени, и двајцата промовираа вакцинација:
„Вакцинацијата ни ја враќа слободата“,
рече канцеларката.
„Вакцинирајте се!“,
апелираше нејзиниот можен наследник до многуте неодлучни луѓе.
Виролозите веруваат дека е неопходно да се вакцинираат најмалку 85 проценти од населението со цел успешно да се спречи пандемијата на долг рок. Во моментов, 61,5 проценти од германското население е целосно вакцинирано.
Меѓутоа, освен борбата против коронавирусот, по четири години заедно на власт, нема единство меѓу конзервативците и социјалдемократите.

„Уште една федерална влада под водство на ЦДУ/ЦСУ ќе ја чини Германија многу – и во однос на просперитетот и во однос на работните места“,
порача Шолц во пленарната сала и доби аплауз од редовите на СПД.
Во врска со соработката со Левицата, која ја спомена Меркел, тој одговори индиректно – уште еднаш ја изрази својата посветеност кон НАТО. Левицата, од друга страна, бара укинување на НАТО и безбедносно партнерство што ја вклучува Русија.
На крајот од својот говор, Шолц рече дека е убеден дека ќе успее да стане наследник на Ангела Меркел и директно им се обрати на гласачите: „Вие одлучувате како нашето општество ќе оди понатаму“.
Аналена Бербок сака да стане канцеларка
Аналена Бербок од Зелените, исто така, сака да стане канцеларка и во говорот нагласи дека изборите за Бундестагот се „клучни“.

„Зошто? Бидејќи ќе се одлучи дали следната федерална влада се уште може активно да влијае на климатската криза или не“,
рече таа.
Таа ја обвини сегашната коалиција ЦДУ, ЦСУ и СПД дека прават премалку за животната средина. Особено, го критикува, според нејзиното мислење, доцното напуштање на производството на јаглен во 2038 година.
Лашет за ерата на Меркел – „16 добри години за Германија“
Кандидатот за канцелар на ЦДУ, Армин Лашет, иако не е член на Бундестагот, тој присуствува на седниците на Бундестагот како премиер на Северна Рајна-Вестфалија.
Тој ја опиша ерата на Ангела Меркел, која е при крај, како „16 добри години за Германија“.

Како доказ, тој, меѓу другото, го наведе намалувањето на бројот на невработени: во моментов 2,6 милиони, наспроти пет милиони во 2005 година, кога беше првата и досега единствена црвено-зелената федерална влада, формирана во 1998 година под водство на канцеларот Герхард Шредер (СПД).
Армин Лашет зборуваше 35 минути – и е убедливо најдолгиот говор во тричасовната дебата за „ситуацијата во Германија“. На крајот, како и Ангела Меркел на почетокот, тој го критикуваше фактот дека СПД и Зелените не ја исклучуваат коалицијата со Левицата.
„Не е толку тешко да се каже ‘не’ и ‘нема да коалицираме со нив’“, вели кандидатот за канцелар на ЦДУ / ЦСУ, и предизва смеа во редовите на Левица.
„Се ќе направат за да се осигура дека црвено-црвено-зелената алијанса нема да дојде на власт во Германија“,
рече Лашет.
Освен Зелените, опозициските партии имаа само помали настапи на оваа седница на Бундестагот, имајќи предвид дека нема никакви шанси идниот канцелар по Ангела Меркел да биде од редовите на Алтернатива за Германија (АфД), Слободните демократи (ФДП).
Меѓутоа – со исклучок на АфД, сите останати партии можат повеќе или помалку да се надеваат дека ќе бидат членови на коалицијата што ќе владее со Германија, коментира ДВ.