Работа има, барање за работна сила има, но очигледно погрешните политики 30 години не дале резултат, т.е. произведувале работна сила која не одговарала на пазарот на труд, рече денеска вицепремиерот за економски прашања
Како општество ќе мораме да отвориме дискусија за да се пополнат празнините на пазарот на трудот и за да го смениме однесувањето кое го имаме досега, смета вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи коментирајќи ги застрашувачките податоците дека од 2011 до 2019 од земјава се одлеале 700 000 лица или скоро секој четврти заминал.
Порачувајќи дека е потребна промена на однесувањето, вицепремиерот алудираше на тоа дека работа има, но над 93 отсто од невработените се функционално неписмени, односно нивните вештини не одговараат на тоа што се бара на пазарот.
„Ако видите дека во Агенцијата за вработување процентот на невработени е навистина сè уште висок, но 93,4 проценти од невработените се функционално неписмени, или значи дека нивните вештини не одговараат на пазарот на трудот. Конечно мислам дека е дојдено време сите да се освестиме дека мораме да се менуваме и да бидеме активни чинители на пазарот на трудот, секој колку што може да придонесе, а тоа значи реквалификација, преквалификација, менување на навиките за работа. Работа има, барање за работна сила има, но очигледно погрешните политики 30 години не дале резултат т.е. произведувале работна сила којашто не одговарало на пазарот на труд“,
вели вицепремиерот.
Тој изјавите ги даде по презентирање на извештајот „Човечки капитал, миграција и како да обликуваме иднината заедно“ во организација на Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД). Она што дополнително загрижува од овој извештај, според него, е што процентот на тие коишто сега имигрираат за разлика од тие што имигрирале пред 20 или 25 години е со пообразовна структура односно со високо образование наместо, како што било пред 25 или 30 години кога имигрирале оние со пониско образование.
Штетата што е направена, според него, не може да се поправи за еден ден или една година туку се потребни неколку години. Сепак, тој нагласи и дека миграцијата е глобален феномен кој ги зафаќа и Германија, и Норвешка и Америка. Увозот на работна сила, според него и кај нас е еминентен, па така наведе примери дека ние сме привлечна земја за градежни работници од Турција, како и за ИТ-сектор од Индија и Пакистан.
„Ако во Германија има недостаток на работна сила и нашите одат во Германија, треба да сфатиме дека и ние сме привлечна земја за одредени други земји коишто би дошле и секако би работеле затоа што платите коишто се плаќаат кај нас можеби се поконкурентни од земјите од каде што доаѓаат. Еве имате во градежништво веќе сериозен број на турски жители кои доаѓаат затоа што платите се некаде за 50 отсто повисоки од платите што се плаќаат во Турција. Но имате и други, имате во секторот на ИТ од Индија, Пакистан. Тоа се земји кои имаат што да понудат во различен сегмент“,
рече Битиќи.
На прашањето како се планира да се прави преквалификација, доквалификација на луѓето коишто недостасуваат, Битиќи одговори дека Агенцијата за вработување преку активните мерки за вработување и обуките што ги нуди ќе треба да ги понуди таму каде што навистина има недостаток на работна сила.
„Овде сме доволно вклучени во сегментот на дуално образование затоа што новата генерација што доаѓа на пазарот на трудот треба да ги има вештините што се бараат и јас сум навистина радосен што и приватниот сектор и странските донатори, како и Владата прави доволно мерки за вклучување на младите во стручното образование и тоа ќе ја направи разликата“,
објасни вицепремиерот.