„За само три години бројот на новозапишани првачиња во Македонија е намален за 2.500.“
извести Гласот на Америка на 7 септември 2018
“Расте трендот на иселување на граѓаните од истичниот дел на земјата.”
објави ТВ Сител на 22 декември 2018 година
“Според броевите кои ги поседуваме од матичната служба родени деца во 2010 година имало 930, но од нив се запишале само 300. Намалениот број е поради тоа што има миграција … “-
пишуваше ТВ Алсат во април 2017 година за состојбата во училиштата во Кичево.
Овие изјави и новинарски извештаи се од последниве неколку години, но темата иселување, наталитет, број на ученици долго е присутна на ова поднебје. Иако гласна, дебатата ретко вклучува фактографија, особено по доаѓањето на власт – на оваа или онаа гарнитура.
Во учебната 2017/18 имало 47.000 ученици помалку отколку во 2005/06
Оваа сторија е токму таков обид – да одговориме точно колку и каде се намалува бројот на ученици во подолга временска низа. Но и да споредиме, колку деца треба да се во училиште според матичните книги, а колку на крај завршуваат во училишните клупи во земјата.
Сумирано, податоците на Државниот завод за статистика велат дека во учебната 2005/2006 година во земјава биле запишани вкупно 235.691 ученик во основно образование. Според податоците кои „360 Степени“ ги обезбеди од Министерството за образование, во учебната 2017/2018 година имало вкупно 188.893 основци. Или за 12 години, бројот на ученици во основно образование се намалил за околу 47.000, односно за 20%.
Дали помалиот број на деца во основното образование се должи на намелениот наталитет? Со оглед на фактот дека основното образование е задолжително, споредивме дали падот на бројот на ученици е симетричен со бројот на живородени деца во соодветна генерација.
Податоците од Заводот за статистика покажуваат дека во периодот 1999-2001 година во просек се раѓале по околу 25.000 деца. Во трите години, од 2009 до 2011, годишниот просек паднал на околу 23.500 деца. Падот е значителни 6%, но е многу помал од падот од 20% на ученици во истиот период. Тоа значи дека 14% од децата се „одлеале“ на друго место. Најлогичната претпоставка е – со нивните родители во странство.
Веродостојност на оваа теза побаравме и во деталните податоци од Министерството за образование, кое ни обезбеди детален преглед за бројот на ученици во секое основно училиште во земјава за периодот од учебната 2012/13 до 2017/18 година. Институцијата не беше во можност да ни даде такви податоци и за последната учебна година.
Невладината организација Центар за граѓански комуникации, пак, ни ја отстапи нивната база на податоци, со бројки од 2006/07 до 2015/16 година. Изворот на тие податоци е Државниот завод за статистика.
Додека да завршат деветолетка, се „губи“ секое десетто дете
Двата корпуса податоци беа доволни за да провериме колку деца од една генерација првачиња на крај завршуваат деветолетка. Резултатот, за жал, одговара на претходните наоди.
За пример ја зедовме генерацијата што завршила деветолетка во 2018 година. Како полуматуранти, оваа генерација брои 20.740 деца. Враќајќи се низ годините, откривме дека кога се запишале во училиште, во учебната 2009/2010 биле 23.002 деца. За 9 години основно образование, оваа генерација останала без 10% од учениците. Ако анализата се растегне до 2003 г., кога би требало да бидат родени првачињата во генерацијата 2009/2010, може да се види дека бројот на живородени деца таа година бил 23.600. Тоа значи дека оваа генерација изгубила вкупно 12,5% од децата од моментот на раѓање до завршување на основното образование.
Падот на бројот на ученици, сепак, не е еднакво распространет на територијата на државата. Во некои региони трендот е далеку поизразен, додека во ретки случаи има дури и раст на бројот на ученици.
Ако се анализира временскиот опсег од учебната 2006/07 година, кога почна да се применува новата територијална организација во образованието, до 2017/18 година, само во четири општини во државата пораснал бројот на ученици. Аеродром (+11,05%), Вевчани (+9,63%), Центар (+6,62%) и Студеничани (+5,56%). Растот во Аеродром и во Центар може да се објасни со доселувањето, додека во Вевчани и во Студеничани е последица на наталитетот. На нула е само една општина – Новаци. Сите останати 75 општини во државава бележат пад на бројот на ученици.
Мапата подолу е интерактивна
На оваа мапа, со светла црвена боја се општините во кои бројот на ученици се намалил до 10%. Такви се повеќето скопски урбани и рурални општини, но и некои градски центри, како Штип и Гевгелија. Со нешто потемна боја се општините во кои падот на бројот на ученици е од 10 до 20%. Меѓу другите, такви се Арачиново, Гази Баба, Битола, Валандово, Кавадарци, Куманово, Струмица, Тетово. Општини каде падот на бројот на ученици е уште поизразен, од 20 и 30% меѓу другите се Радовиш, Крива Паланка, Виница, Демир Хисар, Желино. Со најтемна боја се општините кои загубиле повеќе од 30% од учениците во истражуваниот временски период. Такви се Теарце, Струга, Ресен, Пехчево, Липково, Крушево, Кратово, Гостивар, Врапчиште, Босилово и други. Најекстремен пример е Ново Село. Од учебната 2006/07 до 2017/18 оваа општина загубила повеќе од 50% од учениците.
Бројките покажуваат и други работи – како на пример дека во некои години загубата на ученици е поголема, а во некои помала. Но, тоа повторно не го менува фактот дека за 12 години земјата има 20% помалку ученици во основното образование и дека трендот генерално не разликува урбани или рурални средини, ниту пак верска или етничка припадност.