Планерската компанија „Ин-пума“, која е најмена од Општината Центар за да го нацрта деталниот урбанистички план кој до скоро ја опфаќаше и фабриката „Треска“, во својата сопственичка структура има градежни фирми и физички лица кои се сопственици на парцели на истата локација.
Тоа е едно од сознанијата до кои дојде „360 степени“ во серијата обиди да дојдеме до одговори – зошто се влечкаат корекциите на замрзнатите детални урбанистички планови во Општината, каде што локалната власт тврди дека притиска за повеќе зеленило и помали згради од претходно, додека бизнисот инсистира на зачувување на т.н. стекнато право.
Ем планираат во име на Општината ем се подготвуваат да градат во свое име
Планерската компанија „Ин-пума“ е етаблирано име во јавноста и во своето портфолио има голем број детални урбанистички планови (ДУП). Еден од нив е и ДУП „Буњаковец“, кој го уредува и просторот на некогашната фабрика „Треска“. Тоа е можеби најголемото парче земја во центарот на Скопје кое не е развиено.
Во моментов, парчето за „Треска“ е издвоено од ДУП „Буњаковец“ поради идејата на општината за просторот да распише конкурс. Но, за локацијата еднаш беше донесен ДУП, изработен од „Ин-пума“, а по нарачка на едно од претходните раководства во оваа локална самоуправа, во 2012 година. Решението беше – на земјиште на поранешната фабрика да „никнат“ 30 нови згради,

Тој план беше дел од групата детални урбанистички планови кои Општината Центар ги стопираше на крајот на 2017 година. Според локалната власт, стопираните детални урбанистички планови не беа во согласност со Генералниот план на градот и/или беа во спротивност со други закони кои ја уредуваат материјата на планирањето на просторот. Конкретно за „Треска“, Општината се обидува „ослободениот простор“ да биде планиран за зеленило или за други јавни намени. Во принцип, работа на Општината е да кажува што да се смени, но планерската куќа најмена со јавни пари од општинскиот буџет е таа што ги „впишува“ промените во планот.

Апсурдот во случајот со „Треска“ е што меѓу сопствениците на планерската компанија „Ин-пума“ е градежната компанија „Ремис“ од Охрид. Меѓу сопствениците на „Ремис“, пак, е фирмата „Градежник“. А еден од сопствениците на фирмата „Градежник“ е лицето Предраг Виќентијевиќ.

Името и презимето Предраг Виќентијевиќ добиваат на значење ако се проверат податоците за сопственоста на земјиштето кај „Треска“ во Агенцијата за катастар. На тоа име и презиме се водат десетици парцели на локацијата, земјиште кое ова семејство го добило со денационализација.

Свежа „инвестиција“
Доколку се погледне временската низа на случувањата околу „Ин-пума“, „Ремис“, „Градежник“ и Виќентијевиќ, станува јасно дека формалниот влез на градежниците и сопствениците на парцели кај „Треска“ во планерот на ДУП „Буњаковец“ се случил летово, но на тоа му претходеле низа други бизнис-зделки.
Првиот чекор за кој има трага се случил во октомври 2019 година, кога првично лицето Александар Виќентијевиќ се појавува во сопственичката структура на охридската градежна компанија „Градежник“. Само неколку недели подоцна, во декември 2019 година, неговото место го зазема лицето Предраг Виќентијевиќ. Партнер на Виќентијевиќ во „Градежник“ е Тони Илоски.
Градежната компанија „Градежник“ до тој момент е позната во јавноста како фирма-ќерка на градежната компанија „Ремис“.

Во февруари 2020 година, според достапните електронски податоци од Централниот регистар, се случува вториот чекор кога компанијата ТДПТУ „Божо Илоски – РЕМИС“ од Охрид влегува во сопственичката структура на „Ин-пума“ од Скопје. Со други зборови, тогаш се формализирани бизнис релациите меѓу планерот на ДУП, сопственик на парцели и градежна компанија.

Веројатно сосема случајно, општина Центар токму во февруари 2020 година ја носи одлуката за просторот кај „Треска“ да се издвои од ДУП „Буњаковец“ за да се распише конкурс, кој патем се уште не е објавен. Со тоа, барем од февруари до сега, „Ин-пума“ нема улога во планирањето на просторот на поранешната фабрика.
Но, сепак, претходните врски меѓу сопственици на парцелите и градежни компании во јули 2020 година формално се зацврстуваат, кога во „Ин-пума“ прво влегува член на семејството Виќентијевиќ. Василики Виќентијевиќ станува член на надзорниот одбор на планерската компанија, во која „Ремис“ веќе има дел од сопственоста.

Последниот чекор е направен пред неполн месец, кога во сопственичката структура на фирмата „Ремис“ (инаку косопственик на „Ин-пума“) влегува фирмата „Градежник“ (каде што косопственик е Предраг Виќентијевиќ). Со тоа и газдата на парцели кај „Треска“ и градежни фирми, кои потенцијално би граделе на локацијата, го завршуваат влезот во компанијата која до февруари добиваше пари од Општината за да го планира и тој простор.
„Ин-пума“: Нема судир на интереси
„360 степени“ ги побара за став сите инволвирани во низата. Единствени што до овој момент одлучија да одговорат на нашите прашања се од „Ин-пума“.
Управителката Николина Шандевска во телефонски разговор ни објасни дека таа не гледа нешто спорно ниту, пак, некаков судир на интереси. Според нејзиното образложение, точно било дека „Ремис“ има сопственички удел кај нив, но вели дека не станувало збор за ист правен субјект и дека компаниите извршуваат различна дејност. Таа додаде и дека плановите поминуваат низ многу филтри и дека ако имало нешто спорно деталните урбанистички плановите не би поминале низ стручните комисии во локалната и во централната власт.

Сопственикот на земјиштето кај „Треска“, кој е и косопственик на фирмата „Градежник“, Предраг Виќинтијевиќ, на прашања на „360 степени“ за неговата поврзаност со другите фирми, одби да одговори со образложение дека нема време.
Од компанијата „Ремис“ побараа прашањата да им ги доставиме електронски, што и го сторивме вчера претпладне, но до објавувањето на овој текст не добивме одговор.
Центар: Некои планови се заглавени
„360 степени“ пред неколку дена објави дека на почетокот на месецов до Уставниот суд стигнала нова иницијатива со која се бара укинување на т.н. мораториуми во Општината Центар. Со други зборови, се бара да се прекине обидот – дел од деталните планови да се усогласат со Генералниот план и со законите и да може да се гради според претходно донесените деталните урбанистички планови.
Подносители на иницијативата се две физички лица, Александар Илиоски и Игор Влакевски. Случајно или не, двајцата подносители се од Охрид, градот каде што е регистрирана компанијата „Ремис“, односно градежната компанија која има поврзаност и со сопственикот на земјиштето кај „Треска“ и со планерската компанија која го црта планот „Ин-пума“.
Меѓу прашањата што „360 степени“ ги достави до „Ремис“, се и дали компанијата стои зад најновата иницијатива и дали лицата се нивни вработени.
Како и да е, Општината испрати одговор до Уставниот суд. Доскорашната претседателка на Советот на Општината Центар, Јана Белчева, која и претходно како граѓанска активистка ги туркаше измените на плановите, веќе изјави дека очекува Уставниот суд да одлучи во име на јавниот интерес. А за текот на измена на плановите, без да посочи на кои точно планерски фирми мисли, кажа дека некои од нив едноставно не постапуваат по барањата на Општината.

„Некои планови се заглавени зашто очигледно е немањето волја на некои од планерите да постапуваат по забелешките на стручните тела и стручната комисија на Одделението за планирање, кои совесно си ја работат својата работа останувајќи на принципите што треба да се коригираат во плановите“
оценува советничката во Општина Центар, Јана Белчева.
Мораториумот во Центар еднаш веќе беше предмет на иницијатива до Уставниот суд. Тогаш локалната власта направи трик со тоа што ја поништи обжалената одлука и веднаш донесе нова, за чие запирање би била потребна нова иницијатива до Уставниот суд со бројот на новата одлука.
Градежната комора и тогаш и сега реагира дека тоа што го прави Општина Центар е против Уставот. Првиот човек на Градежната комора, кој и самиот има интерес за градба кај „Треска“, вели дека градежниците не се тие што ги попречуваат деталните урбанистички планови. Но, истовремено, цврсто стои на ставот дека не смее да дојде до промена во однос на т.н. стекнато право – што значи дека ако некој добил големина на маркица на одредена парцела со еден ДУП, таа не може да му биде ускратена или намалена со следниот план.

„Во моментот не постои барање од ниту една компанија да бара да ѝ се зголеми повеќе од тоа што го има во моментот, никој не бара. Доколку постојат услови и општината процени дека треба да се зголеми, ние нема да кажеме ‘не зголемувај’, зголеми го. Но, претходно тоа што си го имал како сопственост, да го намалиш, тоа е недозволиво и тоа не може да помине“,
вели претседателот на Градежната комора, Ивица Јакимовски.