Мнозинството советници во општина Центар, по барање на жители од општината, го задолжија градоначалникот Горан Герасимовски да побара вонреден надзор за Деталниот урбанистички план Ј07 од Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво
Со 20 гласа „за“, советниците во Општина Центар денеска го изгласаа предлогот да се задолжи градоначалникот Горан Герасимовски да побара вонреден инспекциски надзор за деталниот урбанистички план Ј07 од Државниот инспекторат за урбанизам и градежништво. Предлогот, во име на жители од улиците „Питу Гули“, „Козара“ и „Салвадор Аљенде“ го доставија советниците од „Шанса за Центар“, а градоначалникот е задолжен до 15 јануари да поднесе извештај.
„Има несоодветни решенија и многу грешки во овој план. Секојдневно добиваме поплаки од граѓани и овде мора да се преземат сериозни мерки. Една мерка е овој вонреден надзор, што може Општината да го побара за да се утврдат состојбите по поплаките од граѓаните. Можеби може во следното прочистување на програмата да се побараат и суспензии во блоковите каде што има сериозни проблеми. Ништо нема да изгубиме“,
рече советничката Дивна Пенчиќ од „Шанса за Центар“.
„Ова задолжение мора што побрзо да се реализира. Добиваме информации дека на парцели на Водно се подготвува сеча“,
кажа советникот Јане Димески од „Шанса за Центар“.

Пред гласањето, советниците од СДСМ побараа образложение зошто до сега се чекало за вакво барање и зошто граѓаните се обраќаат до Државниот инспекторат преку Општината, а не директно.
„Ја разбирам потребата од ваквото предлог-задолжение и ќе го поддржиме, но, нели може секој граѓанин до Инспекторатот директно да го поднесе ова? Зошто се чекало до сега и до тука, за да се задолжи градоначалникот?“
праша советникот Гордан Симоновски од СДСМ.
„Бараме ова да биде општинска активност, а не активност на поединци, затоа што можеби државните институции помалку даваат приоритет на поединците. Инсистираме да не биде граѓанин до институции, туку институција до институција“,
дообјасни Белчева.

Планот ги опфаќа парцелите со шума на Водно каде ќе никнат куќи и мал милион други проблеми
Деталниот урбанистички план за кој советниците денеска дискутираа, го опфаќа и потегот на Водно над куќите на „Питу Гули“, каде фирмата „Маркеза“, неделава ја огради својата парцела на која има шума, оти планира на местото да гради куќа. Дозволата за градба на парцелата е правосилна, а ја дал поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ. Кога општинската инспекција излезе на терен, го утврди тоа што претходно го јавија и жителите и медиумите – дека просторот се оградува.
Но, има и други проблеми во склоп на овој детален урбанистички план, образложи Милка Симоновска, жителка на улицата „Козара“ во Општина Центар. Таа лично на советниците им објаснуваше какви последици ќе има ако важечкиот детален урбанистички план се спроведе до крај.
„Козара 22 е на самата кривина кога доаѓате од кај Домот. На таа кривина, растојанието од тротоар до тротоар е 6 метри, а во ДУП стои 9 метри. Ние имаме неколку сообраќајки на таа кривина. Сегашниот ДУП, за фирмата што треба да гради сега, дозволува да го земе тротоарот и да оди 80 сантиметри над улицата. Службениците ми кажаа дека овој ДУП ‘ја јавнува’ улицата. Не застанувам, ама Исусови маки се, до второстепена комисија, до Министерството за транспорт и врски, до Уставен суд итн. Уставен трипати ме повикува да носам дополнување на иницијативите. Тој ДУП знаеме како е донесен, помогнете, дајте да најдеме решение, за и вие да не сте виновни“,
кажа Симоновска.

Барањето го поддржаа и советниците на Левица и на ВМРО-ДПМНЕ. Од Левица порачаа дека се затечени од тоа што се случувало со деталните урбанистички планови претходно во Општината. Советниците од ВМРО-ДПМНЕ, откако посочија дека ќе го поддржат предлогот, порачаа и дека времето ќе покаже кој е виновен, а кој не, за состојбата со деталните урбанистички планови.

ПОВРЗАНА ВЕСТ: (ИНТЕРВЈУ) Герасимовски: Бараме правни механизми за да спречиме градби во шумата на Водно