Околу два ипол часа, зад затворени врати за јавноста, во судница се слушаше снимка на предлог на обвинителката Вилма Русковска, како доказ кој со тајно снимање го обезбедил Зоран Милевски – Кичеец за случајот „Рекет“. Судијката Васка Николовска – Мазнева на почeтокот на рочиштето нареди јавноста да ја напушти судницата, бидејќи, како што рече, се работи за разговори кои би можеле да ја нарушат приватноста на лицата опфатени во снимката. Адвокатот на Боки 13, Сашко Дуковски вели дека материјалот нема доказна вредност.
„Ние сметаме дека доказната вредност на ова е нула. Повторувам, ова е нула. Ниту има кој со кого разговара, некакви разговори, а најбитно од се е што нема никаква приватност, а не дај боже некаква заштита на приватноста… Половина снимка од да речеме вкупно два ипол часа е со некое лице кое ниту е во диспозитивот на обвинението, ниту има врска со овој предмет. По начинот како се изведуваат овие докази, јас не би бил зачуден и некое лице што поминува на улица да биде викнато и да се утврдува фактичка состојба. Да резимирам, навистина не беше потребно вие да бидете отстранети“,
рече Дуковски по завршувањето на рочиштето.
Претходно и обвинетите Боки 13 и Катица Јанева бараа јавноста да не биде исклучена од рочиштето.
БОКИ 13 СЕ ЖАЛИ ОД ЗАТВОРСКАТА ПОЛИЦИЈА, НЕГОВИОТ АДВОКАТ ЈА ФАЛИ
Инаку, денешното рочиште започна со половина час доцнење. Пред да се исклучи јавноста, Боки 13 се пожали од затворската полиција.
„Доцнам бидејќи ме нападнаа затворските службеници“, рече Јовановски.
Од истражниот затвор Шутка велат дека Боки 13 одбивал полицајците да му стават лисици за да го спроведат до Судот, но оти немало никаква тензија.
„Бојан Јовановски давал отпор да му се стават лисици. Ова се првични информации, што точно се случило, ќе провериме. Не верувам дека некој го нападнал, седум месеци е во притвор, такво нешто не се случило“, рече Есад Рахиќ, директор на истражниот затвор Шутка.
Адвокатот Дуковски, во денешната изјава рече дека сепак се работело за недоразбирање.
„Се работи за човек кој има навистина сериозно нарушено здравје. Се наоѓа во притвор скоро седум месеци. Се работи за недоразбирање, една нервозна акција. Сметам дека тоа е разрешено и морам да кажам дека затворската управа екстремно коректно се однесувала до сега во секој момент во однос на обвинетиот Бојан Јовановски. Имало некаков мал инцидент, но тоа е резултат на недоразбирање кое е решено“,
рече Дуковски.
Случајот „Рекет“ е во доказна постапка. Првообвинетиот Боки 13 се товари за перење пари и други приноси и е во притвор во Шутка од обелоденувањето на случајот. Катица Јанева, која е обвинета за злоупотреба на службената положба, на рочиштата ја спроведува полиција од домашен притвор.
Зоран Милевски – Кичеец обвинет за примање награда за противзакониото влијание е единствениот кој призна вина и е осуден на три години затвор.