Адвокатот на Бојан Јовановски-Боки 13, Сашко Дукоски, не е изненаден од 9-годишната казна затвор за неговиот клиент и вели дека од почетокот очекувале ваква брутална пресуда во, за него, конструираниот предмет „Рекет“.
„Оваа пресуда најмалку се заснова на докази, видовте и вие новинарите кои го следите предметот, а судот во образложението на денешната одлука за вина се повикуваше на докази. Мене навистина не ми е јасно“,
рече Дукоски најавувајќи дека ќе поднесе жалба.
Тој ја коментираше и одлуката на судечкиот совет да му го продолжи притворот на Боки и направи паралела со случајот со убиството на Афроамериканецот Џорџ Флојд во САД од страна на полицајци.
„Сите сте сведоци дека во Америка речиси изби граѓанска војна за кривично дело убиство, кое е неколкукратно потешко од ова, и таму осомничениот излезе од притвор за 3 дена со 750 000 гаранција. Ние понудивме кауција од 146 000 евра, ама не го пуштија. Америка не знае што е право, таму не владее правото, ние знаеме…“,
иронично прокоментира Дукоски.
За разлика од него, кој рече дека очекувал ваква казна, од денешната пресуда разочарани се адвокатите на Катица Јанева која доби 7 години затвор.
„Разочарани сме од пресудата, сметаме дека казната е превисока. Судот кажа дека со оваа пресуда сака да се врати довербата во правосудството, ние не сметаме дека со оваа пресуда се врати довербата. Сметаме дека треба да суди според докази, а докази дека Катица Јанева сторила кривично дело не постојат. Ќе се жалиме, се надеваме дека повисоките судови ќе имаат поголем сенс за правда“,
изјави адвокатката Ирена Фрчкоска.
Обвинителката Вилма Русковска, како што објавивме, рече дека очекувала ваква казна за Јанева, додека за Јовановски не очекувала казна помала од 10 години затвор.