Централното претседателство на владејачката ДУИ соопшти дека жали за одлуката на петтемина членови на претседателството, како што се наведува во соопштението, да се самоповлечат од овие позиции.
Се мисли на членовите на т.н. „огнена група“ кои на 1 април годинава го напуштија состанокот на Централното претседателство и најавија дека ќе функционираат како фракција во партијата.
„Централното претседателство забележува и изразува длабоко жалење за одлуката на пет членови на Претседателството да се самоповлечат од Централното претседателство на Демократската унија за интеграција, одлука која ја донесоа на состанокот на ЦО одржана на 1 април 2023 година“,
велат од ДУИ.
Во партиското соопштение се вели дека на вчерашната седница е официјализирана одлуката за претстојниот изборен процес во партиските ограноци кој ќе се одржи на 2 јули годинава.
„Овие избори во ограноците на ДУИ, кои ќе се одржат по принципот еден член – еден глас, ќе послужат како платформа за колективно одлучување и дополнително ќе ги зајакнат демократските вредности што ја карактеризираат нашата партија“,
соопшти ДУИ.