Од Демократската унија за интеграција реагираат на иницијативата на градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, кој е од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, со која бара враќање на старите имиња на 38 улици во Општината. Според ДУИ, со иницијативата се оспоруваат имињата на улици именувани по албански личности
Демократската унија за интеграција (ДУИ) денеска преку писмено соопштение остро реагира на иницијативата на градоначалникот на Општина Бутел, Дарко Костовски, за враќање на старите имиња на четириесетина улици во Општината. Според ДУИ, станува збор за оспорување на имиња на улици кои се именувани по албански личности, што, како што велат од партијата, е шовинистичка и авантуристичка политика на ВМРО-ДПМНЕ, која сериозно ги „предизвикува соживотот, толеранцијата и меѓуетничката хармонија во земјата“.

„Демократската унија за интеграција остро реагира на шовинистичката и авантуристичка политика на ВМРО-ДПМНЕ, која во отсуство на понуда за подобар живот на сите граѓани, стравувајќи од кривично гонење за тековните криминали на своите функционери и жедна за власт, сериозно го предизвикува соживотот, толеранцијата и меѓуетничката хармонија во земјата. Неодамнешната одлука на општина Бутел да ги оспори само албанските имиња на улиците на оваа мултиетничка општина во Скопје е уште една провокација која заслужува остра осуда од сите“,
се наведува во соопштението од ДУИ.
Иако во реакцијата, од ДУИ се наведува одлука, станува збор за иницијатива на градоначалникот на Бутел, Костовски, до Градот Скопје, за која тој вчера информираше на својот фејсбук-профил.
„Сакам да ве информирам дека денес поднесов иницијатива до Град Скопје со барање за враќање на старите имиња на 38 улици во Општина Бутел. Целосната ингеренција за враќање на старите имиња ја има Градоначалникот на Град Скопје и Советот на Град Скопје“,
напиша Костовски на Фејсбук.
Во објавата тој наведува дека постапува во интерес на граѓаните бидејќи, како што вели, изминатиот период до него пристигнале голем број иницијативи од нивна страна. Истовремено вели дека поранешниот градоначалник на Скопје, Петре Шилегов, своеволно без консултација со граѓаните донел одлука за промена на имињата на улиците.
Градоначалникот на Бутел од редовите на ВМРО-ДПМНЕ во објави и фотографии од иницијативата доставена до Град Скопје, во која покрај краткото образложение се наведени новите имиња на улиците и старите кои бара да бидат вратени.
Така, на пример, наведени се улиците Омер Калеши, чие претходно име било Александар Бујнов, потоа Дране Бојаџиу (мајката на Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза) – улицата чие претходно име било Александар Турунџов, Агрон Бериша (ново име) – Алпи (старо име), Сурија Имами (ново име) – Боро Менков (старо име)…
Сепак, иако во мал број, не сите улици од списокот на градоначалникот на Бутел, чии претходни имиња тој бара да се вратат назад, се именувани по личности со албанската етничка припадност.
Во реакцијата на ДУИ од денеска, пак, се наведува дека меѓуетничкиот соживот, функционалната мултиетничка демократија се основните вредности на нашата заедничка држава и „само политичките кусогледи и противниците на европската иднина можат да сметаат дека оспорувањето на овие вредности за изборни или националистички цели може да помине и да даде некакви резултати за нив“.
„Демократската унија за интеграција останува да биде чувар и главен промотор на соживотот, толеранцијата и можноста за слободно изразување на идентитетот и културните вредности на сите заедници во државата. Предизвикувачите на овие вредности ќе останат во темниот дел на историјата на оваа земја“,
порачуваат од ДУИ.
