Секој треба да се огледа во огледало и да се потсетува каде му е местото. Ова го изјави претседателот на Собранието, Талат Џафери прашан за состојбата во неговата матична партија ДУИ и обвинувањата за корупција, како и кон него лично од страна на некои негови сопартијци.
Во интервју за МИА, Џафери вели дека ако некој има проблем, треба да биде коректен и да го каже бидејќи, според него, нема коруптивни колективи.
„Секој од нас треба да се огледа во огледало и да си се потсетува каде му е местото за да знае понатаму што се случува. Јас лично за себе можам да кажам дека сум мирен по однос на тоа. Впрочем, соодветната институција спроведе соодветна годишна програма во која бев вклучен со сите процедури, значи и известен дека сум дел од програмата за верификација на она што сум го пријавил во анкетниот лист, завршена е таа процедура. Така што, секој за себе треба да си гледа пред огледало и тоа ја чини после целината. А секој во себе што има проблеми треба да биде коректен и за тоа барем на лидерот треба да му каже и да си најде начин како да се ослободи и да го ослободи од таа перцепција и субјектот, оти нема коруптивни колективи“,
вели Џафери.
Џафери потсетува дека лидерот на партијата, Али Ахмети, уште на конгресот кажал дека тие како партија се отворени за институциите.
„Самиот лидер кажа ‘не се сите цвеќе за мирисање’ и за тоа има институции или тоа да се озакони со закон за ветинг. Но, кога размислувале за тоа, барем она што го имам како сознание од разговорите внатре во коалицијата, се раководеле искуствено од општиот ветинг како во Албанија, па искуствено не излезе баш најдобро да се пресече сè, туку мора да се најде начин како тоа ќе се спроведе“,
вели Џафери.
Во однос на нападите кон него лично, вели дека му е чудно што некои сопартијци излегле од партијата поради активности за организирање движење, а сега се враќаат назад. „И сега што, ќе бидат ‘добри момци’?“, прашува Џафери.
„Додека траеше сета таа ситуација на паралелни изјаснувања не бев и не сакав да станам дел од тоа… Секако требаше да пратам порака – ако веќе излегле надвор од субјектот, со активности за организирање паралелна организација како движење, ми беше чудно – пу, пу не важи, се враќаме назад, сега ќе бидеме што ‘добри момци’?“,
вели Џафери.
Негов став е дека парламентарните избори треба да се одржат во редовниот термин, а пресметки дали ДУИ ќе изгуби гласови за сметка на новото движење на Изет Меџити, кој се здружува со Беса и со Алтернатива, вели дека треба да направат во партијата.
Инаку, вечерва пратеникот и поранешен висок функционер на ДУИ, Изет Меџити одбра име за новата политичка партија. Ќе се вика Демократско движење, а следната недела и официјално ќе биде промовирана.
