И ДУИ како и СДСМ стои на ставот оти избори ќе има, но во 2024 година. Како што велат од партијата, Владата е избрана и во полн ек е спроведувањето на владината програма, така што предвремени парламентарни избори нема да има
ДУИ смета оти какви било промени во Законот за Владата и укинување на техничка влада треба да се направат со консензус и во согласност со најголемите политички партии. Оттаму додаваат и дека за таков консензус има време, затоа што, како што велат од партијата, предвремени избори нема да има, туку ќе има редовни парламентарни избори во 2024 година.
Предлог-законот, како што појасни Арбр Адеми од ДУИ, го добиле денеска на координација кај претседателот на Собранието Талат Џафери откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска го достави до парламентот.
„Тој предлог-закон се разгледува од нас како партија. Добро е да има консензус, имајќи ја предвид воспоставената пракса за донесување на вакви значајни законски решенија од порано, и овој закон што се изменува и дополнува е донесен и предложен со консензус. Треба да се следи таа пракса. Иако има договор за укинување на техничката влада, имајќи предвид дека не е логично земја членка на НАТО и земја аспирант за да почне и официјално преговори со ЕУ да има техничка влада за спроведување на избори поради немање доверба кај институциите. Така што остануваме на ставот дека треба со консензус да се предлага ваков предлог-закон . Имаме време пред нас, за да се анализираат најдобрите решенија околу ова прашање, евентуално и други прашања кои би требало да се дорегулираат во Законот за Владата“,
рече Арбер Адеми од ДУИ.
Адеми додаде дека ДУИ има договор и со СДСМ и со ВМРО-ДПМНЕ за укинување на техничката или пржинска влада.
„Вие знаете дека секогаш за ваквите законски решенија претходеле преговори, дискусии помеѓу политичките партии и затоа не е добро еднострано да се предлагаат. Затоа велиме дека врз основа на тој договор постигнат помеѓу ДУИ и двете најголеми политички партии од македонскиот блок треба да се реализира, но, секако за тоа треба консензус помеѓу политичките партии за да се преточи во конкретни законски одредби“,
рече Адеми.
Тој додаде дека немале време да го разгледаат предлог-законот, но, како што потенцира, за него или, пак, за измени и дополнување на Изборниот законик или за донесување целосно нов Изборен законик треба да има преговори и широк консензус – меѓуетнички и меѓупартиски.
И ДУИ, како и СДСМ, стои на ставот оти избори ќе има, но во 2024 година. Како што посочи Адеми, Владата е избрана и во полн ек е спроведувањето на владината програма така што, како што кажа и самиот, предвремени парламентарни избори нема да има.