Евидентно е оти буџетот за 2025 не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон, рече генералниот секретар на ДУИ
Предлог-буџетот за 2025 година не е ниту развоен ниту демократски, рече на денешната прес-конференција генералниот секретар на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Фатон Ахмети, коментирајќи го предлог-буџетот, за кој посочи дека е поминат во Владата без етнички легитимитет.

„Позната изрека на римскиот политичар и државник Цицерон за буџетот вели дека тој мора да се избалансира, државната каса да се надополни, јавниот долг да се намали, а ароганцијата на службениците да се ублажи и контролира. Затоа, со жалење констатираме дека ниту една од овие карактеристики не е ни приближно предвидена во владиниот предлог-буџет за 2025 година“,
рече тој.
Посочи дека има енормно зголемување на буџетските расходи, касата нема да се полни зашто не се почитуваат фискалните правила со дефицит, кој сега е поголем од 2024 година, а јавниот долг ќе се зголеми.
Со тоа, вели дека е евидентно оти буџетот за 2025 не ги почитува фискалните правила сега дефинирани со закон.
„Во предложениот буџет за 2025 година има поголеми приходи и расходи од буџетот за 2024 година, во структурата на буџетот капиталните расходи се пониски (12,6 отсто наспроти 13,1 отсто) и има поголем дефицит во однос на првичниот буџет за 2024. Зборуваме за буџетот за 2024 година пред ребалансот од страна на владата без етнички легитимитет, кога буџетскиот дефицит значително се зголеми, а резервираните средства за капитални и стратешки проекти за 2024 година се намалија“,
вели Ахмети.
Според него, еден од главните дефекти на буџетите е високиот буџетски дефицит.
„Овие планирани приходи и расходи резултираат со проектиран буџетски дефицит во апсолутна вредност од 41,4 милијарди денари или на ниво од 4 отсто од проектираниот БДП. Иако е помал од проектираниот дефицит со ребалансот на буџетот за 2024 година. Но, за ова треба да се почека следниот ребаланс. Ако се спореди со првичниот буџет за 2024 година тој е повисок, беше планиран на ниво од 33,5 милијарди денари, поточно на ниво од 3,4 отсто од проектираниот БДП. Јавниот долг продолжува да расте. Со високиот буџетски дефицит, јавниот долг се зголемува на над 60 отсто од БДП, што на крајот на оваа година се предвидува да биде 62,7 отсто од БДП и уште поголем на крајот на 2025 година“,
рече генералниот секретар на ДУИ.
Го поздравуваме фактот, вели Ахмети, што во предлог-буџетот за 2025 година е нагласено дека најголем придонес во растот за 2025 година се очекува да имаат бруто-инвестициите со пораст од 8,1 отсто, главно како резултат на интензивирањето на реализација на големите инфраструктурни проекти финансирани од државата, главно автопатиштата во Коридорите 8 и 10, проекти кои од сите партнери на оваа власт беа повеќе од критикувани дури и од албанските партнери без легитимитет.
Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) денеска рекоа дека предлог-буџетот за 2025 година е нереален, неразвоен и недомаќински, без визија и креативност и поради тоа имаат поднесено 200 амандмани со кои целат кон подобрување на клучните фискални политики.