ДУИ продолжува, нема незадоволство, има дијалог, менаџирање, дебатирање за процесот, нема огнена група, рече лидерот Али Ахмети пред почетокот на Генералниот совет
Демократската унија за интеграција денеска во Тетово одржува Генерален совет кој го води претседателот на пртијата Али Ахмети. На состанокот пристигнаа и претставници на таганаречената „Огнена група“.

Ахмети пред да почне состанокот истакна дека во ДУИ нема проблеми и дека ќе се продолжи со развојот на партијата.
„Општ состанок на Советот, се избира претседателство, се избираат потпретседатели, генерален секретар, ќе се разговара за патот на развој на политиката, епилог е: ДУИ продолжува, нема незадоволство, има дијалог, менаџирање, дебатирање за процесот, нема огнена група“,
изјави Ахмети.
Овој состанок на членовите на Централниот совет на кој ќе се избираат нови партиски функционери, следува откако минатиот месец таканаречената „Огнена група“ побара реформи во ДУИ, а одредени луѓе да понесат одговорност.
Вчера, лидерот на ДУИ, Али Ахмети со раководството на партијата и членовите на „Огнената група“ на неформален консултативен состанок, кој траеше околу шест часа, постигнаа компромис, откако претходно групата која бара оставка или смена на првиот вицепремиер Артан Груби не дојде на состанокот, но потоа нејзини претставници се појавија на повик на Ахмети.
На средбата било договорено актуелниот потпретседател ДУИ, Изет Меџити да остане на таа функција и по денешното Генерално собрание на партијата. Градоначалникот на Сарај, Блерим Беџети кој е дел од „огнените“ ќе добие партиска функција, односно тој ќе биде организациски секретар, поранешниот вицепремиер, Муса Џафери, кој е уште едно од позвучните имиња од групата ќе биде претседател на надзорниот одбор.
Актуелниот пратеник Арбр Адеми ќе биде избран за потпретседател на партијата, како и Бајрам Реџепи. Според информациите, уште еден компромис бил постигнат околу последното потпретседателско место, кое ќе го добие Арбана Пашоли, наместо првичниот предлог тоа да биде пратеничката Арта Зендели – Биљали, која наводно е блиска до првиот вицепремиер, Груби.