Дополнително, оттаму велат, „ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“
Во однос на обвинувањата за криминал од партијата повикуваат на проверка на сите носители на јавни функции, со меѓународна помош
Демократската унија за интеграција (ДУИ) доцна попладнево излезе со официјален став во врска со изјавите на премирот Христијан Мицкоски дека партијата на Али Ахмети во обид да го заштити капиталот што го создаваше во изминатите 20 години планира да ја дестабилизира државата и дека, според информации што ги имаат, се очекува тоа да се случи оваа есен.
Од ДУИ велат дека не ги коментираат ваквите политички спинови и блефови, наведувајќи дека како државотворна партија тие се гарант за мирот, стабилноста и европската иднина на Северна Македонија.
„ДУИ како државотворна партија е гарант за мирот, стабилноста, благосостојбата и европската иднина на земјата. Без да ги коментираме политичките спинови и блефови, сакаме да појасниме дека имаме мандат и одговорност од албанските гласачи за заштита на легитимитетот, политичката волја и достоинството на гласот и албанскиот народ во Северна Македонија“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Дополнително, оттаму велат, „ќе ги преземеме сите демократски мерки и средства за да го спречиме понижувањето и мајоризацијата на Албанците преку наметнување на вазали“.
Во однос на обвинувањата за криминал, од партијата повикуваат на проверка на сите носители на јавни функции, со меѓународна помош.
„Што се однесува до неоснованите обвинувања за прекрушување на законот, уште еднаш ги повикуваме политичките партии на проверка на сите носители на јавни функции со меѓународна помош. Само така ќе престане блефирањето, ловот на вештерки и злоупотребата на борбата против корупцијата за политички цели. Веднаш поканете ја меѓународната заедница да испрати експерти за целосна проверка на секој од нас и на вас, вклучително и истрага за процесот на приватизација“,
велат од партијата на Али Ахмети.
Инаку, премиерот Христијан Мицкоски денеска на прес-конференцијата со својот косовски колега, Албин Курти, меѓу другото, беше прашан да открие повеќе детали за информации што ги изнесе во последното интервју за неделникот „Фокус“, дека ДУИ со своето однесување ја загрозува интеретничката слика во државата и претставува закана по мирот и стабилноста на земјата.
„Ние како влада имаме целосно право да ги браниме територијалниот суверенитет, интегритетот и мирот на граѓаните. Тоа е и целта на една држава. Врз основа на тие информации што ги имаме, очекуваме тоа да се случи оваа есен. Да почекаме времето да даде одговор, дали тие информации ќе се потврдат или нема да бидат точни“,
рече Мицкоски.
Премиерот во интервјуто за „Фокус“ посочи дека не ја исклучува можноста одредени групи и структури да бидат несвесно изманипулирани, а тоа, според него, може да го предизвика територијалниот интегритет и суверенитет, односно да создадат криза.
За тоа дали има информации дали се подготвуваат сценарија со протести, премиерот посочи дека нема такви информации, но дека протестите се легитимни сѐ додека се демократски и мирни, но ако преминат во насилни, повтори дека тогаш како влада имаат право да го бранат суверенитетот на државата.
Според него, начинот на кој функционира демократијата не оди заедно со „победник со победник“, зашто во политиката не може да се биде малку со едните, па малку со другите, особено што рече дека со ДУИ имаат дијаметрално различни платформи.
„Не може седум години да бидете во влада со СДСМ и да речете – тоа веќе не важи и сега ќе одам со ВМРО-ДПМНЕ. Тоа така не може. Вие сте го избрале вашиот коалициски партнер врз основа на програма сте функционирале, без разлика каква била таа. Таа била владина програма, таа влада е поразена, делегитимирана и тука завршува целиот процес. ДУИ со коалицијата и СДСМ заедно освоија помалку од 300 илјади гласови. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата освоија близу 450 илјади гласови, а заедно со ‘Вреди‘ и ЗНАМ повеќе од 600 илјади. Јасна е волјата на народот“,
рече Мицкоски во интервјуто за „Фокус“.
Во таква политичка реалност, како што посочи тој, поразените треба да одат во опозиција, а победникот ја создава структурата на идната влада.