„Ние ги повикавме на утрешниот настан што го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат. Историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој“, изјави денеска министерот за здравство одговарајќи на новинарско прашање во врска со паралелната прослава на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор што утре ја организира ДУИ
Од партијата на Али Ахмети, пак, денеска во писмено соопштение, нарекувајќи го путинист, го обвинија вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ дека го намалил буџетот за одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор
Демократската унија за интеграција (ДУИ) секогаш имала тенденции да приватизира одредени настани. Сè уште не можат да прифатат дека се опозиција, им треба време и ќе се навикнат на тоа. Приватни журки и забави може секој да организира.
Ова денеска го изјави министерот за здравство Арбен Таравари одговарајќи на новинарско прашање во врска со паралелната прослава на годишнината од потпишувањето на Рамковниот договор што утре ја организира ДУИ.
„Ние ги повикавме на утрешниот настан што го организира Владата на Република Македонија, добредојдени се, а приватни журки нека продолжат нека си организираат. Историските настани никогаш не биле приватна припадност на некој. Секогаш ќе бидат настани кои им припаѓаат на граѓаните што живеат тука“,
изјави Таравари кој денеска беше на увид на дел од реновираните простории на Институтот за радиологија, кој функционира во склоп на хируршките клиники во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.
ДУИ и коалицијата „Европски фронт“, која ја предводи, најавија дека ќе организираат, како што ја нарекоа, академија за легитимитет, а по повод 23-годишнината од потпишувањето на Охридскиот рамковен договор.
Настанот минатата недела го најави портпаролот на ДУИ, Арбр Адеми, кој во изјава за ТВ Сител рече дека на состанокот на Централното претседателство едногласно било одлучено на 13 август во 12 часот во скопскиот хотел „Александар палас“ да се одржи академија за одбележување на годишнината од Охридскиот договор, чиј покровител ќе биде лидерот на ДУИ, Али Ахмети.
Пратеничката Саранда Имери од коалицијата „Вреди“ во петокот го повика лидерот на ДУИ да присуствува на државното одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор од 2001 година.
Таа истакна дека повод за нејзиното обраќање е обидот, како што рече, „да се приватизира еден светол датум во албанската историја“.
„Пред 23 години беше испишано ново поглавје во историјата на Македонија кога беше потпишан Охридскиот договор. За мене како ќерка на Имер Имери, еден од потписниците на овој историски договор, ова претставува многу повеќе од политички документ. Тоа е наследство на една генерација која се бореше за подобра иднина и заедничко општество. Чувствувам огорченост кога гледам како еден датум кој треба да не обедини се користи за теснопартиски интереси“,
рече таа во петокот.
Од ДУИ, пак, денеска во писмено соопштение го обвинија вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците Иван Стоиљковиќ дека го намалил буџетот за одбележување на годишнината од потпишувањето на Охридскиот договор.
„Демократската унија за интеграција смета дека е навредлив фактот што потврдениот путинист, непризнавачот на независноста на Република Косово, Иван Стоилковиќ, е вицепремиер и министер одговорен за Охридскиот договор, иако тој самиот ниту го признава ниту го почитува. Како последица на тоа, буџетот за потпишување на Охридскиот договор е намален со одлука на моноетничката влада и амин на ракобакнувачите вазали кои ги окупираа државните институции без легитимитет на албанскиот гласач, но со претпочитање на ВМРО-ДПМНЕ, како во времето на монизмот и (Слободан) Милошевиќ“,
велат од ДУИ.
Од овие причини, додаваат од партијата на Ахмети, ги ангажирале авторот на Охридскиот договор, Пол Вилијамс, и неговиот тим да изготват платформа за легитимитет, чиј прв нацрт е поднесен и ќе биде разгледан од „Европскиот фронт“, а потоа и јавно со академскиот свет, невладините организации, медиумите и граѓаните.