„Христијан Мицкоски се обидува со патетичен национализам, надминат повеќе од две децении, да опстане на политичката сцена“ – тоа е реакцијата на Демократската унија за интеграција по интервјуто на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во емисијата „360 степени“, во кое кажа дека е редно време ДУИ по 20 години да помине во опозиција
ДУИ смета дека настапот на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ во кој тој на прашањето дали влада на широко македонско национално единство значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ минус ДУИ“ е само негов обид да си го подобри рејтингот во партијата каде, како што велат од таборот на Ахмети, неприкосновена доверба сѐ уште има Никола Груевски. ДУИ дополнително, изјавата на Мицкоски ја смета за копирање на пораките кои екслидерот на СДСМ, Зоран Заев, ги праќаше во предизброната кампањата за парламентарните избори во 2020.
„Соочен со драстичен пад на рејтингот и недоверба на повеќе од една третина од гласачите на ВМРО-ДПМНЕ кон него, како и четири пати помал рејтинг од азилантот Никола Груевски, Христијан Мицкоски се обидува со патетичен национализам, надминат повеќе од две децении, да опстанат на политичката сцена со копирање на поранешниот лидер на СДСМ, Зоран Заев, во напорите за доведување на ДУИ во опозиција и претставување како квазипатриоти“,
пишува во соопштението на ДУИ.
Од партијата на Ахмети велат дека сите градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ се чувствуваат како скопската градоначалничка Данела Арсовска, но дека немаат храброст како неа да се спротивстават на „булингот кој им го прави Мицкоски“.
„Сите гласачи на ВМРО-ДПМНЕ знаат дека Мицкоски го интересираат само бизнисот и неговите деловни партнери и дека намерно го оставил во кал целото поранешно раководство на ВМРО-ДПМНЕ, што и самиот го потврди. Затоа, Мицкоски и по 5 години е под сенка на Груевски и падна под 320.000 гласови на парламентарни избори, што се одразува и на внатрепартиските рејтинзи каде најголем дел од ВМРО-ДПМНЕ за лидер го сметаат Никола Груевски, а не Христијан Мицкоски“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Оваа реакција на ДУИ следува по синоќешното интервју на Христијан Мицкоски за „360 степени“ во кое тој потврди дека сѐ уште е за влада со широко македонско национално единство зашто сега, според него, има влада во која има сѐ освен македонско единство.

Прашан дали тоа значи влада на „ВМРО-ДПМНЕ плус СДСМ минус ДУИ“, тој вели дека тоа ќе го одредат граѓаните на изборите, но доколку се прашува ВМРО-ДПМНЕ, редно време е по 20 години, ДУИ да помине одреден период во опозиција. Тој не е убеден дека ДУИ ќе победи кај етничките Албанци, според бројките со кои располагаат во ВМРО-ДПМНЕ.