Од опозициската партија ја повикуваат министерката за образование веднаш да се повлече од, како што велат, заканите против училиштето во Челопек и да престане со политизација на културните активности на децата
По најавата на министерката за образование Весна Јаневска дека Државниот просветен инспекторат ќе го проверува случајот во Основното училиште „7 Март“ во селото Челопек, каде што за време на приредба ученици беа облечени во униформи на ОВК и носеа пластични пушки, утрово од ДУИ преку писмено соопштение реагираа дека станува збор за продолжение на антиалбанските политики што се спроведуваат во последните месеци.

Според опозициската партија, секое изразување на албанскиот идентитет и историја се напаѓаат како провокација и истовремено ја обвинуваат Владата за двојни стандарди и хипокризија, кои, како што велат, немаат крај.
„Министерот за образование се заканува со санкции за едно училиште во Челопек бидејќи децата Албанци на културен настан носеле униформи кои ја симболизираат историјата и гордоста на албанскиот народ. Но, кога во едно македонско училиште во Аеродром децата носеа униформи на комити и изведуваа воени поздрави, немаше никаква реакција. Тогаш Демократската унија за интеграција не дозволи, како што нема да дозволи ваквите активности да се злоупотребат за создавање меѓуетнички тензии или поделби во општеството. Во тоа време сметавме дека е важно децата да не бидат вовлечени во политички и етнички конфликти“,
се вели во соопштението на Демократската унија за интеграција.
Оваа влада, додаваат од партијата, денес избрала да ги напаѓа децата Албанци и нивниот идентитет, отворено демонстрирајќи дискриминација.
Од ДУИ ја повикуваат министерката за образование веднаш да се повлече од, како што велат, заканите против училиштето во Челопек и да престане со политизација на културните активности на децата.
Секој обид за создавање поделби и дискриминација нема да биде толериран, велат од опозициската партија, и додаваат дека Албанците не се граѓани од втор ред и нема да дозволат нивниот идентитет и национална гордост да бидат омаловажувани.
„Демократската унија за интеграција секогаш ќе застане во одбрана на достоинството и правата на Албанците, докажувајќи дека нашиот идентитет не е провокација, туку заедничко богатство за целото наше општество“,
се вели на крајот од соопштението.

Министерката за образование Весна Јаневска во врска со случајот во училиштето во Челопек во изјава за медиумите рече дека доколку инспекцијата на Државниот просветен инспекторат, најавена за денеска, утврди прекршување на Законот за основно образование, како и принципите на демократија, соживот, емпатија и базични човекови вредност, кои треба да се промовираат во училиштата, ќе има санкции и за директорот и за наставниците. Јаневска не ја исклучи и можноста да пријавата во полиција, доколку се утврди злоупотреба на правата на децата.
Инаку, за случајот во саботата информираше самата министерка, притоа изразувајќи загриженост и разочараност од раководството на училиштето, наставниците и родителите. Според сознанија на Министерството, слични активности имало и во две други училишта во кои Јаневска најави дека ќе испрати инспекција.
„Апелирам до сите останати училишта да се оградуваат од вакви активности, да промовираат вистински човечки вредности и да се заложат да градат генерации опремени со знаење, а не со оружје. Генерации кои ќе ја сакаат земјата во која се родиле и растат и ќе ги почитуваат другите независно на етничката, верската или каква било друга разлика. Тоа е вистинската цел поради која се отвораат и постојат училиштата“,
напиша Јаневска во саботата на Фејсбук.

Инаку, видеото од приредбата, кое беше објавено на фејсбук-страницата на училиштето, е повлечено од социјалните мрежи.