Агим Нухиу од Демократската унија за интеграција (ДУИ) тврди дека неговата партија никогаш немала формални коалиции ниту со ВМРО-ДПМНЕ, ниту со СДСМ за локалните и за претседателските избори. Ова го изјави за време на вечерашната дебата во емисијата „Патот кон“ на ТВ Алсат, алудирајќи на предизборното коалицирање меѓу СДСМ и Беса.
Според него, ДУИ секогаш се водела од интересот на граѓаните Албанци и државниот интерес.
„Ние имаме институт за креирање политики и истражување на широката јавност со цел да бидеме на иста линија со очекувањата на граѓаните Албанци, без да се запостави и интересот на меѓународните партнери. Токму поради ова, ДУИ со целосна свесност и надлежности одлучи да ја поддржа коалицијата со СДСМ, дури нарушувајќи го принципот ‘победник со победник'”,
рече Нухиу.
Ремзи Мемеди од Алијанса за Албанците реплицираше дека Нихиу не може да негира коалиција со СДСМ во 2017 година.
„Како може да се негира коалицијата со СДСМ во 2017 година и коалицијата со СДСМ за претседателските избори и да вели не сме коалицирале, ова не можам да го разберам, тоа беше отворено и нешто со што се гордееја и во ова студио сме имале дебати, потоа зборува за етатистички политики на ДУИ, овде сѐ може да се види само етатистички политики не сум видел“,
рече Мемеди.
Актуелниот министер без ресор задолжен за дијаспората, а воедно и претседател на Комисија за надворешна политика во СДСМ, Едмонд Адеми, рече дека колку и да се зборува за грешките и пропустите, СДСМ никогаш не може да се критикува за националистичка реторика.
„Не е ризичен феномен коалицијата со БЕСА, туку е феномен кој ги надминува нашите бариери, така што треба да почнеме нештата да ги гледаме поинаку, ако го имаме предвид интересот на сите граѓани затоа што економијата, внатрешната и надворешната политика, сите тие резултати, имаат ист ефект кај сите граѓани без оглед на етничката припадност. Јас можам да го сфатам стравот, нервозата на неколку партии поради големата поддршка што ја имаме. Сите оние кои велат дека се опасни појавите ако гласовите на Албанците одат за СДСМ, политички можам да ги сфатам, но во оваа смисла треба да разберат дека Република Северна Македонија за овие две и пол години под раководство на Зоран Заев се промени тектонски како внатре така и надвор и тоа никој не може да го негира“,
рече Адеми.