Од ДУИ посочуваат дека деталната анализа на извештајот открива сериозни слабости кои се движат од политичкиот контекст и правната рамка, па сè до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите

Демократската унија за интеграција (ДУИ) изрази сериозна загриженост поради најновиот извештај на „Репортери без граници“, според кој Северна Македонија бележи пад од шест места на Индексот за слобода на медиумите.
Од партијата оценуваат дека ова е алармантен показател за негативниот тренд во демократското управување и односот кон критичкото мислење во земјата.
Од ДУИ посочуваат дека деталната анализа на извештајот открива сериозни слабости кои се движат од политичкиот контекст и правната рамка, па сè до економските притисоци и безбедносната состојба на новинарите.
Посебно загрижувачко, според ДУИ, е детектирањето на постоењето паралелни медиумски системи, за кои велат дека се директно поврзани со политички и економски центри на моќ. Овие центри, како што велат од партијата, влијаат врз уредувачката политика и ја поткопуваат довербата на граѓаните во медиумите.
Од ДУИ велат дека Владата наместо да гарантира институционална независност, тие избрале продлабочување на клиентелизмот преку нови механизми за влијание, вклучително и рекламирањето на јавните институции во приватни медиуми. Ова, според нив, повторно го отвора прашањето за транспарентност и фер третман на медиумската сфера.
Од партијата ја потсетуваат Владата дека односот кон медиумите е директен одраз на зрелоста на една демократија. Тие велат дека наместо селективна поддршка и политички погодни уредувачки пристапи, неопходно е да се поддржат професионалните стандарди, независноста на јавниот сервис, заштитата на новинарите и институционалната подготвеност да се одговори на критичкото известување со отчетност, а не со притисоци.
ДУИ порачува дека останува доследна на ставот дека слободата на медиумите е темелен столб на правната држава и ќе ги поддржи сите процеси што водат кон медиумска транспарентност, плурализам и професионализација, во согласност со европските стандарди кон кои земјата се стреми.
По минатогодишниот скок од две места, Северна Македонија бележи пад за шест позиции на Индексот за слобода на медиумите за 2025 година на меѓународната организација „Репортери без граници“ со седиште во Париз.
Состојбата со медиумите во Северна Македонија е оценета како „задоволителна“ и таа се наоѓа во горниот дел од листата, која брои вкупно 180 земји, но на последното место од државите кои во однос на медиумската ситуација ја имаат оваа оценка.
За извештајот реакција стигна и од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ), од каде што рекоа дека падот на земјата за шест места на Индексот за слобода на медиумите е уште еден алармантен показател за погрешната насока во која оди државата под водство на ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму додаваат дека медиумските слободи не смеат да бидат жртва на „партиските апетити и авторитарните амбиции на ДПМНЕ“.