Од Мала Речица велат дека чекорот има за цел да ги унапреди партиските реформи и да го намали ризикот од инциденти поврзани со корупцијата
Демократската унија за интеграција денеска соопшти дека почнуваат со имплементација на стандард чија цел е изградба на систем за борба против корупцијата. Целта, велат оттаму, е да се унапреди реформските процес, да се намалат инцидентите поврзани со корупцијата, но и да се покаже посветеноста на етичките политички практики. Иницијативата, додаваат, е клучен момент во сеопфатна реформа на ДУИ кон зајакнување на нејзиниот интегритет и транспарентност.

„ДУИ ќе развие и спроведе јасна антикорупциска политика, заедно со сеопфатни процедури и контроли. Ова вклучува строги процеси на длабинска анализа, финансиски и нефинансиски контроли за ублажување на идентификуваните ризици од корупција“,
велат од ДУИ.
Во соопштението од партијата објаснуваат и што ќе значи имплементацијата на ISO 37001 на практично ниво.
„Интегрирањето на системот за управување со антикорупција во целокупните системи за управување на ДУИ и спроведувањето на политиките во секојдневното работење ќе воспостави механизми за тековно следење, вклучувајќи ревизии и прегледи на раководството. Со обезбедување обука за своите членови и засегнати страни, ДУИ ќе обезбеди секој да ги разбира своите улоги и одговорности“,
соопштија од ДУИ.
Од ДУИ велат дека се првата политичка партија која го имплементира ISO 37001 стандардот за зајакнување на антикорупцискиот систем.