Сето ова, според опозициската партија не е грешка, ниту случајност, туку модел за тестирање на границата на трпеливост кај Албанците
Она што порано доаѓаше однадвор, денес се спроведува одвнатре, со Албанци кои молчат или соработуваат на штета на колектвните права на сопствениот народ.

Ова се вели во денешното соопштението на Демократската унија за интеграција (ДУИ), во кое од опозициската партија го критикуваат однесувањето на претставниците на коалицијата ВЛЕН, која е дел од власта.
„Претставниците на коалицијата ВЛЕН, кои со само 9 пратеници (1,3%) тврдат дека ги претставуваат над 29% од Албанците во институциите, на ТВ-интервју продолжуваат да го релативизираат нивното минато политичко дејствување, нарекувајќи го ‘експеримент што не успеал’. Но проблемот не е неуспешниот политички експеримент. Проблемот е што пристапот на експериментирање со Албанците продолжува – со реални и опасни последици“,
велат од партијата на Али Ахмети.
Повикувајќи се на историјата, од ДУИ велат дека најрепресивните режими во регионот, особено тој на поранешниот српски претседател Слободан Милошевиќ, ги користеле Албанците од Северна Македонија како инкубатор за тестирање политики кон „албанското прашање“, додека денес, додаваат, сме сведоци на нов бран експерименти.
Во таа насока, од партијата наведуваат неколку прашања во контекст на тезата дека „она што порано доаѓаше однадвор, денес се спроведува одвнатре“.
- Дали е експеримент обидот за нормализирање на влада без албанско мнозинство, без мандат и без правична застапеност?
- Дали е експеримент поставувањето на проруската фигура Стоилковиќ на чело на Охридскиот рамковен договор?
- Дали беше експеримент манипулацијата со резултатите од пописот, исклучувањето на дијаспората и намалувањето на процентот на Албанци од 29,3% на 24,5%?
- Дали е експеримент оспорувањето на уставноста на Законот за јазиците пред Уставниот суд, за да се види колку долго ќе молчат Албанците?
- Дали е експеримент укинувањето на балансерот и оставањето на институциите на милост и немилост на министри и директори со антиалбански ставови?
- Дали е експеримент тоа што инспекторите за албански јазик не добиваат плата со месеци, со цел да се откажат и да се демонтира механизмот за спроведување на законот?
Сето ова, според опозициската партија не е грешка, ниту случајност. Велат дека тоа е модел за тестирање на границата на трпеливост кај Албанците.
„Но, вистината е дека додека се обидувате да експериментирате со Албанците, вие самите станавте експеримент на еден хибриден политичко-олигархиски блок – коалиција на интереси и темни агенди која ве користи за да го демонтира системот изграден врз еднаквост и соживот. Овој експеримент ќе пропадне. Како што пропаднале сите претходни. Но овојпат, ќе пропадне заедно со вас“,
порачуваат од ДУИ.
Од партијата на Али Ахмети речиси секој ден излегуваат со обвинувања за дискриминација и маргинализирање на Албанците од страна на актуелната власт, појава, за која, како што велат, молчат од коалицијата ВЛЕН.
Потпретседателот на ДУИ, Арбер Адеми, неодамна во интервју за „360 степени“ го обвини премиерот Христијан Мицкоски, но и лидерот на СДСМ, Венко Филипче, дека поддржани од олигархијата, сакаат да го преобликуваат политичкиот модел на земјава од мултиетнички во моноетнички.