Демократската унија за интеграции во денешното партиско соопштение побараа од Владата да престане да користи антикорупциска пропаганда за партиски цели, додека пак од „Вреди“ одговорија дека зад ова барање се кријат финансиски интереси на кланот на политички олигарси на кои им доаѓа моментот за да одговараат
Ветингот на сите политичари во последните триесетина години и расчистување со приватизацијата е единствената гаранција за владеење на правото, соопштија денеска од опозициската Демократска унија за интеграции (ДУИ). Оттаму велат дека Владата веднаш треба да престане со користење на антикорупциска пропаганда за партиски цели и за прикривање на неуспесите кога станува збор за европската интеграција на земјата и последните случаи со кои се влошиле меѓуетничките односи во земјата.
„Наместо да продолжи со ваков пристап на манипулации и селективна правда, бараме Владата без одложување да започне непристрасен и сеопфатен процес на ветинг за да се испита изворот на богатството на политичарите во последните 30 години и начинот на кој се спроведени процесите на приватизација“,
се вели во соопштението на ДУИ.
Оттаму велат и дека ова е единствениот начин за да се врати довербата кај граѓаните и да се изгради стабилен правен поредок, но и дека доколку тоа не се направи, ќе продолжи создавањето на политичка поларизација и етнички поделби кои ги поткопуваат темелите на општеството.
„Историјата покажа дека секој обид за користење на антикорупцијата како алатка за политички реваншизам и прикривање на скандалите ќе се врати како бумеранг и ќе ги погоди токму оние кои ја поттикнуваат. Владата не може да тврди дека гради правичност користејќи неправедни тактики и манипулации кои само ги продлабочуваат поделбите во општеството“
велат од ДУИ.
Одговор на соопштението експресно пристигна од коалицијата „Вреди“ која е дел од владејачкото мнозинство. Оттаму велат дека поранешниот прв вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците, Артан Груби веќе и направил ветинг на неговата партија со тоа што беше ставен на црната листа на стратешкиот партнер на земјава – Соединетите Американски Држави.
„Албанците добро знаат дека зад огнената “патриотска“ реторика се кријат чисти финансиски интереси на кланот политички олигарси кои пред врата им чука моментот кога треба да одговараат! И нашиот постојан сојузник Соединетите Американски Држави ги извести за тоа. Албанците и САД не ги сметајте за наивни. За Албанците и државата доаѓаат бели денови, додека за злоупотребувачите ќе дојдат црни денови каде сите ќе бидат изведени пред лицето на правдата“,
одговорија од „Вреди“.
Дополнително, велат дека коалицијата „Вреди“ веќе подолго време предупредува дека ДУИ е заробена од криминална структура, на чело со лидерот на партијата Али Ахмети и Артан Груби кои ги извршувал сите наредби на претседателот.
„Прашањето што го поставивме е јасно: уште колку пораки треба да дадат САД за оваа партија да разбере дека има итна потреба од длабоки програмски и кадровски реформи?“,
заклучија од „Вреди“.