Оттаму посочуваат дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“
По информацијата дека истрагата за пожарот во Кочани се проширува за 23 нови осомничени и дека се приведени поранешни министри за економија и директори на Дирекцијата за заштита и спасување, со реакција се јавија од ДУИ, нагласувајќи дека албанскиот народ во земјава бил под напад од институциите на сопствената држава.

„Денес, албанскиот народ во земјава е под напад од институциите на сопствената држава коишто се целосно заробени од политичките и етноцентристички интереси на власта. За да се заштитат себеси и своите, премиерот, министерот за внатрешни работи и јавниот обвинител еднострано ја насочија истрагата против Албанците кои на каков било начин и кога било биле дел од институциите на системот. Јасно изјавуваме дека денес против Албанците е прогласена еднострана и неправедна агресија, без разлика дали станува збор за ДУИ, за албанските партии во власта или за Албанците воопшто“,
се наведува во соопштението на ДУИ.
Оттаму посочуваат дека ваквиот начин на водење на истрагата за трагедијата во Кочани, не е правда, туку „одмазда за вклучувањето на Албанците во институционалните текови“.
„ДУИ ќе ги преземе сите потребни мерки за да се спречи продолжувањето на овој напад и да се обезбеди правда за албанскиот народ во земјава“,
децидни се од ДУИ.
Во рамките на истрагата за трагичниот пожар во Кочани во кој загина 61 лице, полицијата ги привела поранешните министри за економија Ваљон Сарачини и Беким Незири, кадри на ДУИ, како и актуелниот министер без ресор и поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Шабан Салиу, дознава „360 степени“ од извор во истрагата. Меѓу уапсените е и актуелниот директор на ДЗС, Џеват Селами, кадар на ВЛЕН.
Според нашите информации, истрагата се проширува за 23 нови осомничени. Деветнаесет од нив се приведени или се приведуваат. Од нив за еден е утврдено дека не е во земјава. Станува збор за Дритон Кучи, исто така поранешен министер за економија како кадар на ДУИ, кој во моментов е амбасадор на земјава во Кралството Норвешка.