„Што се однесува до потпишувањето акти на самата клиника од страна на медицинскиот и организацискиот директор, кои имаат заедничка надлежност, децидно стои во Законот за здравствена заштита дека договори за вработување треба да бидат потпишани од двајцата директори, како и за отказни решенија, јавни набавки. Во овој случај станува збор за договори за вработување кои се потпишани само од организацискиот директор“, вели директорката на ДСЗИ

Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе го испрати до Министерството за здравство предметот од контролата што ја направиле на Клиниката за токсикологија, за да ја провери валидноста на договорите за вработување кои се направени за 18-те лица што беа спорни во изминатиот период.
Директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска, во изјава за медиумите кажа дека денеска извршиле контрола на Клиниката откако на 2 мај издадоа решение во кое се забрани пристап на здравствени работници и работници кои немаат важечки договори за вработување и извршување здравствена дејност.
„Денеска извршивме контрола по решение во кое констатиравме фактичка состојба дека по истото решение е постапено заклучно со 15.05.2024, датум кога се потпишани договорите за вработување на овие лица кои беа спорни во изминатиот период“,
рече Младеновска.
Таа додаде дека договорите за вработување што ги имаат добиено овие 18 лица се потпишани само од организациската директорка Бесија Иљази.
Младеновска вели дека во Законот за здравствена заштита децидно стои дека околу потпишувањето на акти на клиниката, организацискиот и медицинскиот директор имаат заедничка надлежност.
„Што се однесува до потпишување на акти на самата клиника од страна на медицинскиот и организацискиот директор кои имаат заедничка надлежност децидно стои во Законот за здравствена заштита дека договори за вработување треба да бидат потпишани од двајцата директори, како и за отказни решенија, јавни набавки. Во овој случај станува збор за договори за вработување кои се потпишани само од организацискиот директор“,
рече таа.
Согласно Законот за здравствена заштита, вели Младеновска, законодавецот не предвидел глоба за оваа проблематика и за таа цел ДСЗИ ќе го испрати предметот до Министерството за здравство за да ја провери валидноста на договорите за вработување.
Според неа, засега нема казни и санкции, но Министерството за здравство има ингеренции да постапува за валидноста и дека за тоа треба да се изјасни правниот сектор.
Организациската директорка на Клиниката за токсикологија, Бесија Иљази, вчера во изјава за медиуми на албански јазик рече дека клиниката има потреба од вработување на 18-те лица кои изминатиот период предизвикаа превирања во јавноста.
Таа увидела дека Клиниката има потреба и затоа инсистирала да се направат договорите и вели дека се обидува максимално да го реши овој проблем. Таа додава дека на 28 февруари било испратено барање до Министерството за здравство, кое било прифатено и од каде што добиле дозвола дека слободно може да се направат договорите.
Иљази во изјавата го обвинува разрешениот директор Данил Петровски дека тој ги прекршил законските норми и додава дека овие лица ги држел на работа без договори и плати, а ги принудувал и да дежураат.
Клиниката за токсикологија периодов ја тресат низа скандали. Неа ја предводи само организациската директорка Бесија Иљази, откако министерот за здравство Илир Демири на 14 мај го разреши медицинскиот директор д-р Данил Петровски.
Иљази вчера им дала забрана на вработените да даваат изјави за медиуми без нејзина согласност. Во наредбата стои дека се забранува давање изјави во јавност преку интервјуа и свикување прес-конференции, за да не се нанесело штета на интересите и угледот на клиниката. Иљази во наредбата вели дека средби со новинари ќе бидат дозволени само со претходно известување до неа.
Ваквиот потег на Иљази беше осуден од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) од каде нагласија дека ваквата наредба претставува кршење на слободата на говор и професионалното новинарство, спротивно на Уставот. Најавија и формално обраќање до ресорното Министерство и барање одговорност од директорката на Клиниката за токсикологија и од сите инволвирани во донесувањето на оваа наредба, за што се побара и итно повлекување.
*Поврзани вести:
- Лекарите од Токсикологија реагираат: Се инсистира на 18 нови вработувања, меѓу кои и на болничар што сакал да скрие наркотици во урина
- Дали организациската директорка на Токсикологија го има ангажирано својот татко како преведувач, прашуваат од ВМРО-ДПМНЕ
- Вработените на Токсикологија реагираат: В.д. директорката на работа останува по 4 часа, го зголеми долгот на клиниката и не ја осигури
- ДСЗИ ќе издаде решение за забрана за пристап на здравствените работници на Клиниката за токсикологија кои немаат договор за вработување