„Во ноќна смена на дежурната амбуланта на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори што не исполнуваат услов за постар специјализант“, велат инспекторите
Од вкупно 45 доктори специјалисти, кои се вработени на Клиниката за детски болести во Скопје, дежураат само по тројца доктори, но никој од нив не дежура во амбулантата. Прегледите во дежурната амбуланта ги вршат специјализанти, кои издаваат медицинска документација во име на дежурните доктори специјалисти, а некогаш и документација без потпис и печат. Ова е една од причините поради кои Државниот здравствен и санитарен инспекторат (ДЗСИ), по извршениот инспекциски надзор, а откако се утврдени недостатоци во работата на Клиниката, парично ја казни оваа здравствена установа.

Прекршочниот платен налог за Клиниката изнесува 4 000 евра, а за правното лице, во случајов нејзиниот директор 1 200 евра. Ако казната се плати во рок од осум дена, тогаш сумата се преполовува. Доколку тоа не се случи, постапката се решава на суд.
Покрај тоа, ДСЗИ констатира дека од вкупно 14 доктори специјализанти што исполнуваат услов за добивање на времена лиценца од Лекарската комора на Македонија и времени факсимили за работа, само за двајца има обезбедени времени лиценци за работа и не е поднесено барање до министерот за здравство за обезбедување времени факсимили за работа на Клиниката.
„Во ноќна смена на дежурната амбуланта на Клиниката работат доктори специјализанти без времени факсимили за работа и доктори што не исполнуваат услов за постар специјализант“,
се вели во соопштението од ДСЗИ.
Инспекторите, исто така, утврдиле дека Клиниката не постапила целосно по претходно издаденото решение што им било издадено од ДСЗИ.
Од Клиниката постапиле единствено во делот на внесување на личните податоци и медицинските податоци на пациентите, за завршените здравствени услуги, во системот „Мој термин“.
Според директорот на Детската клиника во Скопје, Реџеп Мемеди, изминатиот период на социјалните мрежи има кампања против Универзитетската клиника за детски болести, но и против него, иницирана од поединци што имаат лични интереси и болна намера за власт и позиција, преку злоупотреба на детски судбини.
Изминатиот период имаше три смртни случаи на оваа клиника.
Во однос на смртноста на клиниката, Мемемди рече дека сега има двапати помала стапка во споредба од пред пет години.