По случајот на штипското Инфективно одделение, каде што почина 41-годишна пациентка со ковид-19, а нејзината ќерка алармираше преку социјалните мрежи дека немањето боци со кислород во болницата и недоволната грижа биле фатални за нејзината мајка, од Државниот здравствен и санитарен инспекторат информираат дека освен за овој случај ќе се испитува смртта и на други 12 пациенти.
„Стручни надзори за пациенти починати од ковид-19, за последните два месеца од страна на ДСЗИ до Министерството за здравство, по извршен инспекциски надзор и обезбедена документација, иницирани се четири надзори за пациент од Свети Николе, два од Струмица и од Ресен. Во тек се инспекциските надзори за починатите пациенти од Тетово, Кавадарци, Битола и Крива Паланка. Од страна на ДСЗИ, во наредниот период ќе бидат извршени надзори за уште четири пациенти починати од ковид-19“,
информираат од Инспекторатот.
Тие во текот на вчерашниот ден извршија вонреден инспекциски надзор во штипската болница поради случајот со починатата пациентка и согласно констатираната фактичка состојба со решение му се нареди на директорот на здравствената установа веднаш да се состане комисијата за следење на квалитет, која ќе ја утврди фактичката состојба за спроведеното лекување на пациентката и околностите што довеле до смртен исход.
ДСЗИ го задолжи директорот на болницата, во рок од три дена, писмено да го извести инспекторатот за наодот од извршената контрола на комисијата.
„Независно од работата на Комисијата, ДСЗИ ќе иницира стручен надзор над работата на здравствената установа и здравствените работници во врска со третманот на пациентката“,
информираат од ДСЗИ.
