Поради заканата од нов миграциски бран, со кој веќе се соочуваат соседните држави како Грција и Бугарија, откако Турција им го отвори патот на бегалците и мигрантите кон европските земји, македонскиот државен врв денеска оди во обиколка на граничните премини.
Целта е да се направи проверка на функционирањето на системот за превенција од евентуален наплив на бегалци и мигранти, но и на мерките за заштита од коронавирусот.
Претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски, денеска ќе изврши обиколка на припадниците на Армијата стационирани на јужната граница на државата. Потоа, како што соопшти неговиот кабинет, Пендаровски ќе го посети Транзитниот центар кај Гевгелија каде што се врши регистрација на мигрантите.
Техничкиот премиер, пак, Оливер Спасовски ќе го посети граничниот премин Табановце, а придружуван ќе биде и од министерот за здравство Венко Филипче, со цел да се провери каков е системот за превенција од коронавирусот на граничните премини.
Како подготовка за најавениот миграциски бран, вчера со одлука на Комитетот за управување со кризи, македонските власти ја засилија безбедноста на јужната граница. Зголемен е бројот на припадници на полицијата и на Армијата распоредени на делот кон Грција, а потврдени се и оперативните планови за дополнителен ангажман во случај на натамошен раст на бројот на мигранти.
Новиот бран на бегалци и мигранти доаѓа откако Турција ја промени политиката и поради конфликтот во Сирија реши веќе да не ги запира бегалците да се упатуваат кон европските земји. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека нема да ја повлече одлуката и порача дека е време и ЕУ да сноси дел од товарот.
Најтензично деновиве е на грчко-турската граница, каде што полицијата со шок-бомби и солзавци ја чува границата од илјадници мигранти и бегалци кои нелегално сакаат да влезат во земјата.
Од тие причини, високи функционери од ЕУ денеска заедно со премиерот на Грција, Кирјакос Мицотакис, ќе ја посетат грчко-турската граница кај Еврос. Европски претставници ќе одат и во Анкара, односно високиот претставник за надворешна политика на ЕУ, Јосеп Борел, и комесарот за управување со кризи Јанез Ленарчич е предвидено да разговараат со турски владини претставници, но засега средба со Ердоган не е предвидена.
Поврзани вести:
Македонија го зголеми бројот на војници и полицијци на границата со Грција
Ердоган за миграцискиот бран: ЕУ мора да сноси дел од товарот