Шефот на дипломатијата и претседателот на државата вчера разговарале на оваа тема и се договориле на 9 јануари да седнат на маса и да разговараат за амбасадорските места
Претседателот на државата Стево Пендаровски, премиерот Димитар Ковачевски и шефот на дипломатијата Бујар Османи се договориле после празниците да седнат на состанок за тоа дали поранешниот директор на АНБ, Виктор Димовски, по скандалот со издавањето македонско државјанство на Олександр Онишченко, ќе замине за амбасадор на Северна Македонија во Париз. Покрај за него, ќе се разговара и за листа од околу 14 кандидати што ги предлага МНР за испразнетите амбасадорски места.
„На 9 месецов планираме со претседателот и премиерот да седнеме не само на таа тема туку за целата листа што јас ја имам испратено за нови кандидати, околу 14 кандидати. Тоа е предлог кој треба да се филтрира, меѓутоа за целата листа вклучувајќи го и амбасадорот во Париз ќе се разговара од 9 јануари со претседателот. Вчера комунициравме со него на таа тема и се договоривме на 9-ти после празниците да седнеме и да разговараме“,
одговори Османи на новинарско прашање кога ќе почнат консултациите дали Димовски ќе се испрати за амбасадор во Франција.
Неколку месеци пред избивањето на скандалот со Онишченко, за поранешниот директор на АНБ бил добиен агреман од официјален Париз, меѓутоа постапката сè уште не е финализирана, а претседателот Пендаровски во интервју на Канал 5 ТВ пред Нова година откри дека од дел од стратешките партнери на земјата е сугерирано државата да размисли дали ќе остане на ова решение или сепак ќе се одлучи некој друг наместо Димовски да ја извршува амбасадорската функција во Франција.
„Постапката за именување амбасадор почнува преку Владата која ми предлага мене и јас давам првична согласност. Велам ’се согласувам со предлогот, можете да ја продолжите постапката‘. Тие имаат понатаму подготовки, се бара агреман од државата каде треба да оди. На крајот кога ќе заврши се, Владата повторно ми пишува преку МНР и вели дека ’се е завршено, сега треба да го упатите‘. Вакво нешто, втор допис во кој владата вели дека се е океј, и ве молиме само да потпишете указ, Владата ми нема доставено затоа што од моите контакти со премиерот и министерот за надворешни работи, ми е речено дека за ова во светлото на критиките кои ги добивме од некои влијателни земји членки и наши стратешки партнери, пред сè мислам на САД, дека треба да испитаме дали би требало да останеме на ова решение или и некои други опции би влегле во игра“,
рече Пендаровски во интервју за емисијата „Само вистина“ на Канал 5 ТВ емитувана на 22 декември 2022 година.