Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката за 24 Мај порача дека со своето знаење, жед за вистината, правдољубивоста, посветеноста, хуманизмот и благородноста, светите браќа Кирил и Методиј покажале дека можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите
Со пораки дека делото на светите браќа Кирил и Методиј треба да биде патоказ за остварувањето на целите и за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање, државниот врв денеска го честита 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј.
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во честитката за 24 Мај порача дека со своето знаење, жед за вистината, правдољубивоста, посветеноста, хуманизмот и благородноста, светите Кирил и Методиј покажале дека можат да се надминат ограничувањата и да се победат неправдите. Благодарение на нив, пишува Сиљановска-Давкова во честитката, словенските народи добија можност за развој на својата духовност, култура, образование, а македонската јазична и културна самобитност, светогледот и космополитизмот, се втемелени од нивната работа.

„Историјата на Европа и на светот нема премногу примери на така влијателни личности коишто имаат оставено печат на своето време, но и патоказ за иднината и кои се светилници на човечката цивилизација. Затоа нивното дело и по еден цел милениум не бледнее и не губи на значење. Нека подвигот на светите браќа и понатаму бидe наш патоказ и морална и духовна вертикала за достоинствено и исполнето живеење, творење и создавање“,
пишува претседателката Сиљановска-Давкова во честитката за 24 Мај.
Во честитката на собранискиот спикер Јован Митрески, пак, тој пишува оти делото на светите браќа Кирил и Методиј е темел на македонското јазично и духовно битисување во семејството на словенските народи во Европа и оти претставува голем цивилизациски придонес како за македонскиот, така и за сите народи кои ги негуваат словенските културни вредности и традиции.

„Денешниот празник, 24 Мај, Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј е убава можност да им се оддаде достојна почит на основоположниците на словенската книжевност и писменост, чие дело им го трасира патот на словенските народи кон описменување и културно издигнување“,
пишува во честитката на собранискиот претседател.
Техничкиот премиер Талат Џафери испрати две одделни честитки по повод Денот на сесловенските просветители.
Едната ја адресираше до поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, г.г. Стефан, до Синодот на МПЦ-ОА, свештенството и монаштвото на Црквата и до сите верници, а другата до ректорката на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ Скопје, Биљана Ангелова, до деканите, продеканите, професорите, сенаторите, до студентите на Универзитетот и до граѓаните.

Во честитката до УКИМ, освен Денот на сесловенските просветители Кирил и Методиј, Џафери го честита и партониот празник на Универзитетот. Порача дека денешниот двоен празник повикува на упорност и верба во науката и образованието, а оти водечката улога во целта за развојот на С Македонија во современа европска држава му доликува на првиот државен универзитет „Свети Кирил и Методиј“ Скопје.
„Како генерации на денешнината и посебно последниве неколку години, успеавме во заложбите македонскиот стандарден јазик да биде рамноправно прифатен меѓу официјалните јазици и во ЕУ и се продолжи и делото на Свети Кирил и Методиј како темелници на европскиот интеркултурализам. На вас е со поголеми сили и да продолжите да се вложувате во науката и образованието. Споделувајте го знаењето и бидете гласни и храбри пред политиката, во развојот на научнообразовната дејност и во нејзиното место во општеството, зашто вашето влијание е потребно во одржувањето на демократските текови на современа и европска Северна Македонија“,
пишува Џафери во честитката до УКИМ.
Инспиративното дело на светите браќа, додава Џафери, треба да биде патоказ како може и треба да се работи во остварувањето свети цели.
Во честитката до врвот на МПЦ-ОА, пак, техничкиот премиер ја истакнува важноста за делото на Кирил и Методиј за Македонската православна црква-Охридска архиепископија, за современата македонска култура, но и за Европа.
„Тоа што на тогашниот црковнословенски јазик се преведуваат првите богослужбени книги на словенски јазик, го отвора патот за развојот на словенската писменост и со тоа и на македонската писменост, којашто на македонска почва се шири под закрила на Охридската Архиепископија и во Охридската книжевна школа. Значењето на светите браќа за единството на европските народи, поради што се прогласени за светци од Православната црква и за созаштитници, односно патрони на Европа од Римокатоличката црква е безвременско и обврзувачко, секој да го најде патот и да се вложи во напредокот, за доброто на сите. Во таа насока, значајна е и улогата на МПЦ-ОА, којашто од пред две години е признаена и како рамноправна во православниот свет“,
се вели во честитката на Џафери до врвот на македонската црква.
Со повеќе настани, денеска во земјава се одбележува 24 Мај – Денот на сесловенските просветители, светите браќа Кирил и Методиј – основоположниците на словенската писменост.