Директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска, вели дека новата концепција за матура ја планираат за 2023 година зашто ставот е дека и за овие ученици, како што рече, пандемијата е хендикеп и иако во септември почнаа да одат во училишта, лани и годината пред тоа имаа скратени програми
Учениците кои завршуваат средно образование и оваа година ќе полагаат државна матура како и минатогодишната генерација која се избори за два наместо три екстерни предмети и за скратени испитни програми. Новата концепција на матура што ја најавуваше Државниот испитен центар (ДИЦ) се подготвува, но ќе почне да се применува за матурантите во идната учебна 2022/2023 година.
Директорката на ДИЦ, Елизабета Наумовска, вели дека новата концепција за матура ја планираат за 2023 година зашто ставот е дека и за овие ученици, како што рече, пандемијата е хендикеп и иако во септември почнаа да одат во училишта, лани и годината пред тоа имаа скратени програми.
„Го чекаме новиот министер за да договориме широка јавна дебата за новата концепција за матура. Можеби ќе ја организираме напролет откако ќе се смири ковид-состојбата која овој месец е поексплозивна. Најпрво сакам да се дебатира со самите средношколци, не само со годинашните матуранти, туку и со тие што в година ќе бидат матуранти бидејќи за нив ќе се однесува новата концепција, како и со професори и директори од средните училишта, со претставници од високото образование и потоа со пошироката јавност“,
вели Наумовска за МИА.
На 4 јуни тестирање по мајчин јазик, на 13 јуни по други предмети
Новата концепција за идната генерација матуранти предвидува три вида државна матура т.е. според видот на образование – гимназиско, стручно и уметничко.
За годинава државната матура нема да се менува. Учениците ќе полагаат два екстерни и два интерни предмети и една проектна задача. Ќе има проширување само на листата интерни предмети за учениците во средното стручно образование поради нови образовни профили кои претходно не постоеја, за што Државниот матурски одбор, како што рече Наумовска, пред околу еден месец одржал состанок и се направени мали измени.
ДИЦ веќе ги закажа датумите за екстерните испити од учебната 2021/2022 година во јунската испитна сесија – на 4 јуни матурантите ќе бидат тестирани по мајчин јазик (македонски, албански или турски јазик и литература) и на 13 јуни ќе биде тестот по математика, англиски јазик, француски јазик, германски јазик, руски јазик, филозофија или естетика.
Учениците што ќе полагаат државна матура во јуни до крајот на декември имаа обврска да се пријават во училиштата кои, пак, до 20 јануари имаат рок да ги ажурираат податоците во електронската база на ДИЦ. Наумовска додаде дека на училиштата им дозволуваат тоа да го направат до крајот на месецов и тогаш ДИЦ ќе има точен број на кандидати за државна матура и кои предмети ги избрале за екстерните испити.
Државната матура во земјава се спроведува од 2007 година. На крајот на 2019/2020 првпат не беше организирана поради КОВИД-19, а на барањето на минатогодишните матуранти да им бидат олеснети условите, бројот на екстерни испити беше намален од три на два односно третиот екстерен беше спуштен на ранг на интерен испит.
Матурата во јуни 2021 ја полагаа околу 15 300 ученици. Средната оценка од двата екстерни испита беше 3.61 и подобра од претходната државна матура, во 2019 година, кога просечниот успех беше 3.48.