„Проблемот со отпадот го имаме со повозрасните“, вели Шукова во одговор на новинарско прашање за имплементација на едукативна програма во образовниот процес и додава дека децата се тие што најмалку прават отпад и најчесто ги потсетуваат повозрасните дека не треба фрлаат ѓубре
Дивите депонии ги чистевме десетина години наназад, секоја година издвојувавме од 20 до 30 милиони денари за нивно чистење, кои во наредните три месеци повторно стануваа диви депонии. Затоа одлучивме повеќе да не финансираме такви проекти, посочи на денешната прес-конференција министерката за животна средина и просторно планирање Каја Шукова.
„Чистиме од 10 до 15 локации согласно приоритетите на општините и за неколку месеци тие локации повторно се полнат со ѓубре. Непотребно се користат средствата на граѓаните за нешто што не е одржливо“,
рече Шукова.

Според неа, иако чистењето на дивите депонии е надлежност на општините, државата помагала при нивното чистење.
Проблемот со отпадот го имаме со повозрасните, вели Шукова во одговор на новинарско прашање за имплементација на едукативна програма во образовниот процес и додава дека децата се тие што најмалку прават отпад и најчесто ги потсетуваат повозрасните дека не треба да фрлаат ѓубре.
Посочи дека мора да се зајакне контролата и граѓаните мора да сфатат дека ѓубрето го правиме сами.
„Се надевам дека до крајот на овој месец ќе успееме да го распишеме тендерот за Свети Николе и дека во 2025 година ќе може да оперира регионалната депонија во Свети Николе. Тој тендер ќе има два лота, едниот ќе биде изградба на претоварни станици, тие се неколку, пет или шест, и вториот лот ќе биде за централната депонија, така да паралелно ќе одиме со двата процеса“,
рече Шукова.
Додаде дека во тие два региона отпочнат е процесот на затворање на помалите општински депонии кои не се стандардни. Дел од помалите општини, вели Шукова, веќе го насочуваат својот отпад кон поголемите депонии. Постепено како ќе се гради централната депонија така ќе се продолжи со процесот на затворање на нестандардните депонии во тие два региона.
„Целото финансиско сценарио во тие два региона е повеќе од 40 милиони евра. Отприлика толку ќе треба и за другите региони. Значи ќе комбинираме два по два, бидејќи видовме дека е економски неисплатливо секоја општина да има своја депонија, затоа ги комбинираме по два. Таму системите ќе ги контролираат регионални тела“,
вели Шукова.
Интенцијата на државата во моментот е да воспостави основна инфраструктура по европски стандарди за управување со отпад, вели Шукова, бидејќи, како што рече, тоа го немаме во моментот.