„За градоначалничката на Скопје многу работи се кажани, не би имал што да додадам“, рече кусо премиерот одговарајќи новинарски прашања за време на посетата на Охрид
Државата има институции, нека постапуваат – изјави денеска премиерот Христијан Мицкоски повикувајќи ги надлежните да постапат во врска со случајот со градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, која вчера беше физички нападната во скопски Чаир за време на увид на дивоградба.

„Па, видете, државата има институции, јас ги повикувам институциите да постапуваат за случајот. Што се однесува до градоначалничката на Скопје, многу работи се кажани, не би имал што да додадам“,
рече Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на санираниот Музеј на вода во Заливот на Коските во Охрид.
Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, вчера соопшти дека таа и нејзините соработници биле вербално и физички нападнати за време на увид на дивоградба во Чаир за која, како што рече, досега се поднесени неколку пријави, а таа продолжува и натаму илегално да се гради.
Рече дека инцидентот се случил во присуство на полициски службеници.
„На местото имаше претставници на МВР кои после овој негов напад, со нежни зборови, ако можам така да кажам, го поместија малку, по што продолжи да се заканува и кон мене и кон советниците и вербално да ги напаѓа“,
изјави вчера Арсовска изнесувајќи детали за инцидентот во Чаир.
Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски вчеравечер информира дека во врска со нападот на Арсовска се приведени три лица, но рече дека за случајот треба дополнително да се утврдат сите факти бидејќи, како што имплицираше, „да не излезе дека тој што се претставува како жртва е токму оној што предизвикал физички напад“.