Внукот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, Дрин Ахмети, кој е сопственик на компанијата „Тор индустрис“ бара јавно извинување од претседателот на Беса, Билал Касами. Тој ги демантира тврдењата на Касами изнесени на денешната прес-конференција, за кои вели дека се невистинити и нанесуваат штета на неговиот личен углед и на компанијата.
„’Тор Индустрис’ ги демантира сите невистини искажани од господинот Касами кои наведуваат на неетичко работење поврзани со компанијата „Тхор Индустриес“. Ваквите лажни тврдења прават штета на компанијата, како и на личниот углед на сопственикот Дрин Ахмети. Исто така, ’Тор Индустрис’ бара јавно извинување од страна на партијата БЕСА и господинот Касами, во спротивно ќе ги преземе сите правни дејствија за претрпената штета од невистините изнесени од страна на господинот Касами“
се наведува во демантот од компанијата.
Касами на денешната прес-конференција побара објаснување од Али Ахмети како неговиот внук преку ноќ станал милионер, оценувајќи ги како бајати и неискрени повиците на лидерот на ДУИ да се истражат сите афери поврзани со него и членовите на неговото семејство.
„Ако сте толку уверени во повикот до обвинителството, судот или до антикорупционерите, може ли во име на вистината да појасните, без да навлегувате во истрагите што ги барате, како внук ви успеал, преку ноќ, едно утро да се разбуди со милиони на својата сметка?. Може ли вие и вашиот директор Фестим да ни објасните, дали внукот, во знак на благодарност, се сликал со него пред да го добие грантот од 80 000 евра или по него? Господине Ахмети, бидејќи сте толку сигурни во она што го зборувате и во ветингот што го барате, можете ли да ни објасните како се случи концесијата за хидроцентралата за 23 години?“
изјави Касами.
Од „Тор индустрис“ денеска испратија демант и на прес-конференцијата на пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, со барање за јавно извинување поради изнесени невиситини , кои како што велат, нанесуваат штета на угледот на компанијата и сопственикот Дрин Ахмети.
Според ВМРО-ДПМНЕ, внукот на Ахмети со фирмата која ја купи „Соравија“, работи на Коридорот 8 и други патишта како подизведувач. Според Ковачки, до партијата стигнале документи од „свиркачи“, а станувало збор за анализа на банката на фирмите на Ахмети, во која наводно било наведено дека „Тор индустрис“ била формирана за да учествува на големи државни проекти планирани во Македонија.
„Дрин Ахмети со ‘Тор индустрис’, заедно со уште една фирма од кланот Зајас, за која ќе зборуваме деновиве, е вклучен во изградба на Коридорот 8. Договорот што го имаат двете фирми е 1.3 милион евра за ископ и други градежни работи. Кога голем број фирми едвај наоѓаат работа, фирмата на Дрин е најпосакуван партнер и дежурен подизведувач, на многу поголеми фирми. Дали зад тоа се крие Ахмети и дали има трговија со влијание?“,
изјави Ковачки.
За зделките на младиот бизнисмен кој е актуелен во јавноста откако без вложен денар стана сопственик на бизнис-центарот „Соравија“, од Антикорупциската комисија најавија дека ќе ги проверат наводите за префрлување државни средства преку Фондот за иновации и технолошки развој на сметка на компанија во негова сопственост.
„Ние ќе провериме како постапиле институциите. Дали тие неосновано дале средства? Ние не можеме да испитуваме каков е капиталот, каков е имот. Тоа е задача на други институции. Тие треба да испитуваат движење на парите и т.н. Верувам, врз основа на исксутвото што го имам во соработката со нив дека тие ќе постапат. Верувам дека Управата за финансиско разузнавање и финансиска поилиција на пример, ќе го испита овој случај“,
рече претседателката на ДКСК, Билјана Ивановска.