Новинарските организации изминатиот период се залагаа за намалување на надоместокот за штета од навреда или клевета, a како аргумент беа акцентирани ниските плати во медиумите и ризикот од наметнување самоцензура кај професионалните новинари со критички став
Предлог-измените на Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда се во завршна фаза и тие треба да донесат значително намалување на казните, но и давање општа проширена дефиниција за тоа што се смета за средство за информирање каде што се објавуваат содржини за кои може да се покрене тужба.
Според последните информации, ставовите на претставниците на новинарската, судската и експертската фела, како и на извршната власт се усогласени и се очекува предлог-законот за многу скоро време да влезе во процедура низ институциите.
„Во следните денови тој ќе биде доставен на мислење до другите засегнати државни институции. Откако ќе бидат усогласени добиените мислења од надлежните институции, предлогот ќе биде доставен до Владата“,
велат од Министерството за правда.
Во земјава во сила е Законот што се применува од 2013 година, а беше објавен во „Службен весник“ во ноември 2012 година. Со тоа законско решение беа декриминализирани клеветата и навредата, за кои дотогаш се одговараше кривично. Меѓутоа, препорака за негови измени и дополнувања беше дадена уште пред повеќе од пет години, во извештајот на Прибе за итните реформски приоритети од 2015 година.
Зошто се прават измените?
Актуелните казни, односно нематеријална штета што судот може да ја досуди како надомест предизвикан со навреда или клевета, во моментов изнесуваат: максимум 2 000 евра за новинар, 10 000 за уредникот и 15 000 за правното лице.
Овие суми се очекува драстично се намалат со измените, кои ќе бидат потврдени и по официјализирање на финалната верзија на предлог-законот, кој треба да се усвои на Влада и да се испрати на расправа и усвојување во Собранието.
Новинарските организации изминатиот период се залагаа за намалување на надоместокот за штета од сторена навреда или клевета. Како аргумент беа акцентирани ниските плати во медиумите и ризикот од наметнување самоцензура кај професионалните новинари со критички став.

Другиот значаен момент што треба да го опфатат измените е од аспект на тоа дали ќе се дефинираат онлајн медиумите или не? Усогласувањата се во насока да се даде општа дефиниција бидејќи, според претставниците на Здружението на новинари во работната група, на дефиницијата за онлајн медиумите не ѝ е местото во Законот за граѓанска одговорност за клевета и навреда.
„Духот на измените е да се прошири дефиницијата и не само да се вклучат онлајн медиумите, туку сите платформи, меѓу кои и социјалните мрежи. Не е битно каде е дадена клеветата или навредата, туку дали имало интенција да се наруши нечиј углед или чест“,
вели Драган Секуловски од Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).
Во актуелното законско решение пишува дека може да се одговара за содржини изнесени или пренесени преку „средство за јавно информирање (весници, магазини и друг печат, програми на радиото и телевизијата, електронските публикации, телетекст и други форми на уреднички обликувани програмски содржини кои се објавуваат, односно се емитуваат дневно или периодично во пишана форма, звук или слика на начин достапен за широката јавност)“.
Наместо оваа, со измените е извесно дека ќе се оди на општа дефиниција, која ќе ги опфати сите платформи.
Ова го потврдуваат и од Министерството за правда.
„Со предлогот им се овозможува поголема заштита на новинарите. Исто така, се врши вградување на меѓународните стандарди за оваа материја. Со предложениот текст се врши подобрување на законскиот текст и се надминуваат одредени состојби утврдени во подготвената Анализа на судската практика во нашата земја и забелешките од странските експерти и нивното мислење изразено во оценските мисии. Во тој контекст, во законот пошироко се определува поимот на средствата за информирање, согласно Европската конвенција за заштита на човековите права и основните слободи (член 10) и практиката на Европскиот суд за човекови права“,
велат од Министерството.
Потребата од пошироко дефинирање на средствата за информирање, која се наметнала и од досегашната судска пракса, ја потенцираат и од ЗНМ.
Оттаму велат дека досегашното искуство од примената на актуелниот закон покажало оти до 2019 година судовите имале различна практика за тоа дали конкретно онлајн медиумите се средства за јавно информирање или не кога се одлучува за клевета и навреда, односно дел од судовите ги признавале како медиуми, а дел не.
„Како ЗНМ побаравме да има синхронизација на судската практика на ниво на апелациските судови, зашто само во скопскиот граѓански суд се отфрлаа тужби, и тоа е сега надминато“,
вели Секуловски и додава дека со промената на праксата е надминато барањето на дел од експертската јавност за дефинирање на онлајн медиумите во овој закон.
Што препорача Прибе за клеветата?
Во извештајот за итните реформски приоритети на Прибе од 2015 година, каде што во делот за медиумите се препорачуваат реформи и во однос на клеветата, се констатира дека се потребни законски измени во овој дел, но без детали, туку дадени се само насоки.
Во него пишува пишува:
Намалување на бројот случаи на клевета што стигнуваат во судовите што треба да се постигне преку:
– ревидирање на законодавството за да се отстранат случаите од типот „чест“, „достоинство“ и „навреда“, кои се покренуваат согласно законската дефиниција на навреда, а се надвор од опфатот на навреда во смисла на член 10 од Европската конвенција за човекови права (ЕКЧП);
– ревидирање на процедуралните правила со цел исклучување на мали случаи, а наместо тоа зголемување на примената на медијацијата за нивно решавање;
– поддршка и промоција на поголемо користење на саморегулацијата како алтернатива за судско постапување;
– гарантирање и спроведување, на политичко ниво, на практикувањето соодветно самоограничување од страна на политичарите и јавните функционери за да не се покренува постапка за клевета, во согласност со принципите на ЕСЧП.