Околу 160 000 жители во североисточниот дел на Шпанија беа принудени да останат во своите домови откако рано утрото избувна голем пожар во индустриска зона во Виланова и ла Гелтру, крајбрежен град на 48 километри јужно од Барселона. Пожарот, кој започна околу 2:20 часот по локално време во магацин за хемикалии за чистење базени, ослободи густ и токсичен облак од хлор што се прошири над неколку населени места и туристички дестинации во регионот.
Каталонската служба за цивилна заштита веднаш издаде предупредување преку социјалните мрежи и испрати аларм на мобилните телефони на жителите во пет општини, повикувајќи ги да не ги напуштаат своите домови или работни места: „Ако сте во засегнатата зона, не излегувајте надвор,“ стои во пораката.
Сопственикот на фабриката, Хорхе Винјалес Алонсо, во изјава за локално каталонско радио рекол дека хлорот ретко се пали, но кога ќе се запали, гаснењето е исклучително тешко. Вели дека е можно пожарот да бил предизвикан од литиумска батерија.
Иако за среќа нема пријавени повредени, последиците се значителни: железничкиот сообраќај е прекинат, патиштата се блокирани, а повеќе јавни настани, меѓу кои и популарниот Vida BBQ, се откажани од претпазливост. Хотелите и туристичките места долж брегот се празни, а гостите се затворени внатре.
Каталонскиот претседател Салвадор Иља изјави дека ситуацијата е под контрола, но дека карантинот ќе остане на сила додека не се елиминира секоја опасност за населението. Пожарникарите соопштија дека пожарот е стабилизиран, но и понатаму се следи движењето и токсичноста на облакот.
Најпогодени се Виланова и ла Гелтру, Кубелес, Лес Рокетес де Сант Пере де Рибес, Кунит и Калафел. Властите апелираат граѓаните да не патуваат кон овие области додека не се укине алармот.