На потпишувањето на договорот за коалицирање е присутен и поранешниот министер во владата на Заев, Аднан Ќахил
Драгиша Милетиќ, кој едно време фигурираше како советник во владата на Зоран Заев за меѓуетнички односи и соработка меѓу заедниците, се враќа во коалиција со ВМРО-ДПМНЕ. Тој во моментов присуствува на средба на старите и нови партнери на ВМРО-ДПМНЕ, на која треба да се потпише договорот за коалицирање за претстојните избори.
Милетиќ едно време беше пратеник на партијата на Србите и влезе во Собранието од листа на ВМРО-ДПМНЕ. Во 2013 година, тој му ги даде партиските печати на Стевчо Јакимовски за да може да се кандидира за градоначалник на Карпош, во време кога СДСМ планираше бојкот на тогашните локални избори. Пред последните парламентарни избори, Милетиќ се приклучи на коалицијата на СДСМ, по што стана и советник во Владата.

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пред извесно време, изјави дека разговара за проширување на коалицијата и со партии кои се во коалиција со СДСМ. На потпишувањето на договорот за коалицирање е присутен и поранешниот министер во владата на Заев Аднан Ќахил, кој беше разрешен од функцијата поради обвинувања од негови сопартијци за незаконски постапувања.
На истата маса со Мицкоски, како партнери на претстојните избори, се и Иван Стоиљковиќ, Стевчо Јакимовски, Страшо Ангеловски…. Мицкоски рече дека ова е коалиција на сите оние кои сакаат промена. Ова е, рече, коалиција на работниците, на средната класа, на интелектуалците, на обичниот народ…, затоа што, како што нагласи, сега нема живот во Македонија.