На оставката што Рашковски ја објави на Фејсбук стои датумот 12 април 2021 г., денот кога „360 степени“ објави дека секретарот во премиерскиот кабинет вози џип вреден 74 илјади евра, кој не фигурира во неговиот анкетен лист доставен до ДКСК
Драги Рашковски поднесе оставка, за што самиот ја информира јавноста со објава на Фејсбук. Овој негов потег доаѓа по случаите што ги отвори „360 степени“ – за набавката на софтвер што не го користи ниедна институција и за тоа дека Рашковски вози џип „волво – XC90“, кој не фигурира во неговиот анкетен лист. Вчера ТВ Алсат објави дека Рашковски во Побожје ќе гради хациенда од 800 квадратни метри.
„Вистината нека се провери преку институциите. Нема затскривање зад функции. За лажните вести најдобро искуство да го преточиш во научен труд е преку лично искуство. Се надевам дека лажните вести ќе престанат, зашто нивното негативно влијание не штети само лично. Вистинската причина за повлекувањето е наведена во самото писмо. Сѐ поразлично од тоа е лажна вест“,
пишува Рашковски на Фејсбук.

Рашковски пред пет месеци беше именуван за секретар за мониторинг и поддршка на институциите при реализација на владината програма во кабинетот на премиерот – нова функција што беше воведена набрзо по неговото заминување од позицијата генерален секретар на Владата.
По сториите што ги објави „360 степени“ поврзани со софтверот за сообраќајни прекршоци набавен од Рашковски, додека беше генерален секретар на Владата, Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција минатиот месец отвори предистрага по допрен глас за овој случај. Во тоа време Рашковски беше на годишен одмор во Мексико.