На новинарско прашање дали може да се проверат трговците уште за дополнителни 30 дена претходно за да се види дали инфлацијата во ноември е скокната поради тоа што производителите, дистрибутерите и трговците ги имаат зголемено цените за сега да можат да ги намалат и да немаат никаква загуба, Стојкоски одговори потврдно и додаде дека тоа во секој случај треба да го направат
Пазарните инспектори ќе утврдуваат дали трговците пред да почне контролата на цените на производите што се опфатени во новогодишната кошничка ги имаат истите „надувано“ за потоа на еден месец од почетокот на акцијата да ги намалат многу малку и со тоа да избегнат загуби.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Влатко Стојкоски вели дека таквата контрола не е во согласност со Законот за заштита на потрошувачите за акциска продажба.
Според Стојкоски, Законот за заштита на потрошувачите им дозволува на инспекторите да ги споредуваат цените само во изминатиот еден месец за да се види дали има реално намалување кај трговците кога одлуките со празничните кошници стапуваат на сила.
„Станува збор за акциска продажба, трае еден месец и е на трговците, кои во случајов сакаат да покажат општествена одговорност. Се утврдуваат изминатите 30 дена. Формално-правно имаме механизам да ги провериме уште еден месец претходно, меѓутоа по Закон за заштита на потрошувачи ние контролираме за овие 30 дена, односно најниската цена во тие денови“,
додаде Стојкоски на денешната прес-конференција која ја држеа заедно со министерот за економија и труд Бесар Дурмиши и неговиот заменик Марјан Ристески.
На новинарско прашање дали може да се проверат трговците уште за дополнителни 30 дена претходно за да се види дали инфлацијата во ноември е скокната поради тоа што производителите, дистрибутерите и трговците ги имаат зголемено цените за да можат сега да ги намалат и да немаат никаква загуба, Стојкоски одговори потврдно.
Тој рече дека многу му е јасно прашањето, но додаде дека прво треба да проверат на што се должи тоа зголемување на цените затоа што има производи што се и берзански, а потоа да излезат со коментар.
„Тоа во секој случај треба да го провериме“,
рече тој.
Вели дека имаат можност проверките да ги направат и преку сметководствената картица, а на новинарско инсистирање за контрола на сите 1 036 производи што се дел од новогодишната кошничка и цените од пред 15 ноември, Стојковски рече дека може и тоа да го направат, но оти тоа не е според Законот за заштита на потрошувачите со кој е уредена оваа акција.
Новогодишната кошничка, која почна да се применува од вчера и стартуваше со над 800 производи, денеска, како што најави министерот Дурмиши, ја има достигнато бројката од 1 036.
„Во акцијата досега се приклучени над 90 производители и дистрибутери на производи, а производите од вчера се достапни за граѓаните во 38 синџири на маркети“,
рече Дурмиши велејќи дека кошничката се уште не е затворена и оти заинтересираните може и дополнително да се пријават.
Од почетокот на акцијата, иако било неработен ден за поголемиот дел од маркетите, сепак, инспекторите биле на терен и вршеле контроли кај оние трговци што имаат дозвола за работа во недела.
Инспекторите утврдиле ситни забелешки, но, како што рече директорот Стојкоски, имале информација дека тие се отстранети.
На прашање колку мерката ќе придонесе за намалување на трошоците на граѓаните, министерот Дурмиши рече дека тоа ќе се утврди откако ќе заврши годинава.
„Ќе ги видиме податоците што ќе произлезат од Државниот завод за статистика, како и од синдикатите и потоа ќе ја соопштиме бројката“,
истакна Дурмиши.
Заменик-министерот Марјан Ристески истакна дека по првпат во мониторингот на цените се вклучени и синдикатите, Организацијата на потрошувачи и граѓаните.