Во теренските проверки што биле направени во текот на вчерашниот ден, откако стапи во сила владината одлука за ограничување на маржата, инспекторите забележале дека во маркетите не се поставени потребните ознаки, иако тоа е обврска и е наведена во самата одлука која во понеделникот е објавена во „Службен весник“

Трговците што на основните прехранбени производи кои треба да имаат ограничена профитна маржа ги немаат поставено ознаките „Помалку трошоци, повеќе за тебе“ од денеска ќе се соочат со казни, информираат од Државниот пазарен инспекторат (ДПИ).
Во теренските проверки што биле направени во текот на вчерашниот ден, откако стапи на сила владината одлука за ограничување на маржата, инспекторите забележале дека во маркетите не се поставени потребните ознаки, иако тоа е обврска која е наведена и во самата одлука која во понеделникот е објавена во „Службен весник“.
Директорот на Државниот пазарен инспекторат Горан Трајковски вели дека на трговците им дале рок ознаките да ги постават до крајот на вчерашниот ден.
„Екипите на ДПИ од утрово се на терен низ целата држава и уште денеска од 12 или од 13 часот ќе почнат со казнување на маркетите кои не си ја исполнуваат обврската“,
вели Трајковски во изјава за МИА.
Според него, маркетите се жалеле дека причина за немањето на натписот е тоа што немале време да ги испечатат ознаките.
Повеќе од 70 прехранбени производи од вчера треба да се продаваат со ограничена профитна маржа од 10 отсто, одлука која беше донесена на владина седница. Во списокот за есенската кошничка се наоѓаат производи од пекарската, месната, млечната и кондиторската индустрија, како и овошје и зеленчук и тие нема да смеат да поскапат до 31 октомври.
По обиколката на неколку маркети што „360 степени“ ја направи вчера наутро беше очигледно дека натписот не беше поставен.
Во четири маркети, каде што влеговме, можеше да се забележи дека има намалено цени на повеќе производи од списокот. Забележливо беше како вработените со испечатени етикети ги менуваа цените.
Во некои од маркетите, попладне веќе можеше да види дека „помалку трошоци, повеќе за тебе“ стои залепено покрај цената на производот.
