Казната е изречена откако на рочиштето пред два дена обвинетиот Зејнелов призна вина за кривичното дело и рече дека мотивот за убиството било неверство

Доживотна казна затвор му изрече Основниот суд во Штип на Фадил Зејнелов, кој на почетокот на ноември лани ја уби 29-годишната штипјанка Емилија Пешева со која бил во вонбрачна врска.
Казната е изречена откако на рочиштето пред два дена обвинетиот Зејнелов призна вина за кривичното дело и рече дека мотивот за убиството било неверство.
Инаку, тој е обвинет за кривичното дело убиство при вршење семејно насилство или фемицид.
Покрај Обвинителството, доживотна казна за Зејнелов побараа и двајцата адвокати на семејството Пешеви.
Родителите на Пешева сметаат дека правдата ќе биде задоволена ако тој биде осуден на доживотна казна затвор, затоа што според нив не изразил каење по извршувањето на убиството и наместо веднаш да се пријави во полиција, првин отишол во казино, каде што ги искоцкал парите што претходно ги зел од нивната ќерка.
Свирепото убиството на 29-годишната Емилија Пешева се случи на 1 ноември лани.
Според Обвинителството, Фадил Зејнелов со умисла ја лишил од живот својата вонбрачна партнерка при вршење семејно насилство.
По претходен договор, тие се сретнале пред нејзиниот дом, а потоа заедно отишле во напуштен објект на ЈП „Исар“ за да разговараат за проблемите во нивната повеќегодишна врска.
Разговорот преминал во расправија, по што обвинетиот физички ја нападнал жртвата и започнал да ја удира со тупаници.
Кога жената паднала на подот, според Обвинителството, тој почнал силно да ја стега во пределот на вратот додека не дошло до прекин на дишењето и нарушување на дотокот на крв во мозокот, како резултат на што жената починала.
Кога се уверил дека не дава знаци на живот, тој го напуштил местото и сам се пријавил во полициска станица.