Осудителната пресуда Основниот суд во Кочани ја донел по признание на вина

Доживотен затвор доби мажот кој во септември минатата година со 40 убоди од нож уби 46-годишна жена во Кочани.
За изречената казна денеска информираа од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија (ЈОРСМ).
Во соопштението од ЈОРСМ се наведува дека осудителната пресуда Основниот суд во Кочани ја донел по признание на вина.
„По поднесено обвинение од Основното јавно обвинителство Кочани, а по признание на вина, Основниот суд во Кочани донесе осудителна пресуда за едно лице за кривично дело убиство извршено при родово базирано насилство и на свиреп начин, при што за сторителот е изречена казна – доживотен затвор“,
се вели во соопштението од ЈОРСМ.
Во обвинението, како што велат од Обвинителството, лицето се товари и за тоа дека пред убиството ја уценувал истата оштетена, меѓутоа тоа дело обвинетиот не го признал.
„Постапката е раздвоена и за тој дел од обвинението ќе продолжи судска постапка“,
се додава во соопштението.
Четириесет и шестгодишната жена почина од убоди со нож пред куќата во која живеела во Кочани.
Убиството се случило утрото во 6:15 часот, во моментот додека жената се подготвувала да оди на работа.
Мажот од дома зел кујнски нож и, знаејќи го патот по кој оштетената се движи кога оди кон работа, ја пречекал и ѝ задал повеќе убодни рани во пределот на градите, стомакот, вратот и рацете. Од повредите, жртвата починала на самото место.
Според првичните сознанија кои тогаш беа објавени, причина за нападот е изнуда на пари и закана со компромитирачки снимки што напаѓачот се заканувал дека ќе ги објави јавно. Жената претходно неколкупати пријавувала закани во полиција и во јавното обвинителство од каде што барала и заштита.
По овој настан Националната мрежа против насилство врз жени и семејно насилство побара при одредувањето на висината на казната да се земат предвид сите околности, а убиството да се третира како последица на долгогодишно семејно насилство.
Од Мрежата бараат да биде испитана и одговорноста на службените лица кои не постапиле навремено по пријавите за насилство кои му претходеле на убиството, а жртвата ги пријавила.