Нагласено е дека при одобрување на извозот ќе се земе предвид нивото на вакцинација, како и епидемиолошката состојба во одредена земја. Целта на оваа мерка, како што наведуваат во Брисел, е да се обезбеди навремен пристап до вакцини за граѓаните на ЕУ
Европската комисија ја измени регулативата за издавање одобрение за извоз на вакцини против ковид-19 произведени на територијата на ЕУ, која сега ги опфаќа практично сите трети земји, вклучително и С Македонија.
Со тоа, веројатно, е доведена во прашање испораката на 20 000 дози од „Фајзер“, за кои министерот за здравство Венко Филипче рече дека треба да стигнат во земјава до крајот на овој месец.
Македонија, заедно со соседните земји на ЕУ и земјите од механизмот Ковакс, досега беше ослободена од барање дозволи за увоз на вакцини произведени на територијата на ЕУ.
Во соопштението од Европската комисија се вели дека оваа мерка не е насочена против никого, а особено не кон земјите од Западен Балкан.
„Овде не се работи за блокада, туку за постигнување транспарентност кога станува збор за извозот на вакцини од компании што произведуваат на територија на ЕУ. Западен Балкан е важен за Европската комисија и затоа работиме со фармацевтски компании за да обезбедиме испорака до регионот и се надеваме дека тоа ќе се случи наскоро“,
велат од Комисијата.
Европската комисија ги воведе принципите на реципроцитет и на пропорционалност како нови критериуми што треба да се земат предвид за одобренија за извоз во рамките на механизмот за транспарентност и одобрение за извоз на вакцините против ковид-19.
Нагласено е дека при одобрување на извозот ќе се земе предвид нивото на вакцинација, како и епидемиолошката состојба во одредена земја.Целта на оваа мерка, како што наведуваат во Брисел, е да се обезбеди навремен пристап до вакцини за граѓаните на ЕУ.
Претседателот на Европската комисија Урсула фон дер Лајен вели дека ЕУ е горда што е дом на производители на вакцини кои не само што се доставуваат до граѓаните на ЕУ туку и се извезуваат низ целиот свет.
Истовремено, таа предупредува на третиот бран на пандемијата во земјите членки и фактот дека сите производители на вакцини сè уште не ги исполнуваат своите договорни обврски кон ЕУ.
„ЕУ е единствениот голем производител кој продолжува да извезува големи количини вакцини во десетици земји. ЕУ има одлично портфолио на различни вакцини и ние обезбедивме повеќе од доволно дози за целата популација. Но, мора да обезбедиме навремено и доволно испораки на вакцини до граѓаните на ЕУ“,
рече Фон дер Лајен.
Европската комисија додава дека од покренувањето на механизмот за авторизација, 380 од доставените 381 апликација се одобрени, односно досега се извезени 43 милиони дози вакцини од ЕУ во трети земји.