Премиерот Зоран Заев денеска повторно го повика лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, да се појави на лидерската средба закажана за в петок. Ако продолжи да одбива, средбата сепак ќе се одржи во скусен состав, само со Али Ахмети и со Зијадин Села.
„Ред е да се појавиме таму. Ние не мора да се договориме за сите прашања, но треба да разговараме. Не може да разговарате да бидеме нормална држава, а да не седнете да разговарате за пописот. Да одложиме уште десет години? Да седнеме и да ги заокружиме сите евентуални резерви. Пописот и треба да државата како леб. Вели предвремени избори. Човек, дај за изборен законик да се договориме прво. На крајот Јавното обвинителство не е само моја обврска. Сите ние кои се залагаме со полна уста зборови за правна држава, не можеме да оставиме да не се донесе Законот за јавно обвинителство“,
рече Заев.
Пописот, Изборниот законик и Законот за Јавно обвинителство се темите за кои премиерот ја кани лидерската тројка на средба во Клубот на пратениците во Скопје в петок. Ахмети и Села потврдија присуство. Мицкоски вчера му порача на премиерот дека не гледа причина да присуствува на средбата.
„Не ја гледам потребата од присуство на средба на која ќе се разговара за се, а нема да се разговара за тоа што и треба датум на Македонија за предвремени избори“,
истакна Мицкоски.
Заев вели дека нема намера да исполнува желба за предвремени избори за да не трпи економијата иако, како што вели и да се одржат знае дека ќе победи.