Дополнителната заменик-министерка во МВР, Славјанка Петровска, реагираше на обвинувањата од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, за поврзаност на припадници на МВР со криминални структури. Петровска ги отфрли како целосно невистинити зборовите на Чулев, велејќи дека иако ВМРО-ДПМНЕ најави нов лик, не ги забораваат старите навики.
Целосна невистина се тврдењата на новиот технички министер на МВР Наќе Чулев изнесени во интервју за ТВ Алфа за незаконски решенија и наводна поврзаност со криминалните структури. Сите акти кои се потпишани се во согласност со законот и прописите во МВР. Иако ДПМНЕ најави нов лик, сепак никако да ги заборават старите навики.
вели во реакцијата Петровска.
Петровска обвинува дека ВМРО-ДПМНЕ и понатаму продолжуваат со намерното ширење лаги дека во МВР не постои компаративна статистика за состојбата со криминалитетот во периодот додека на чело на МВР беше Оливер Спасовски. Според неа, вистината е дека постои анализа која покажува извонредни резултати споредено со периодите претходно кога министерството беше управувано од ДПМНЕ.
Намален е криминалитетот, разбојништвата, убиствата, жртвите од сообраќајни незгоди и тн. Овие резултати беа презентирани минатата недела на брифинг со новинарите на кој беа присутни над 30 претставници на медиумите Уште поконкретен податок за работењето на МВР под раководство на Спасовски е анкетата на ОБСЕ за довербата на граѓаните во полицијата, која јасно покажува дека довербата во полицијата расте односно дека граѓаните сметаат дека полицијата работи добро и дека се минато времињата кога со МВР раководеше ДПМНЕ, а довербата беше сведена на мизерни бројки токму поради партиската злоупотреба на полицијата.
реагира Петровска.
Петровска дополнува дека како човек од безбедносно-разузнавачката заедница Чулев треба да ги знае законите во Република Северна Македонија и да е свесен дека сомнежи за евентуална поврзаност со криминални структури се пријавуваат во Јавното обвинителство, а не во интервјуа. Зарем ова е долгонајавуваниот професионализам на ДПМНЕ? – прашува дополнителната заменичка во МВР.